Викторија Џонс, ќерка на прославениот холивудски актер Томи Ли Џонс, почина на 34-годишна возраст во Сан Франциско. Според информации објавени од Page Six, трагедијата се случила во луксузниот хотел „Фермонт“, каде што Викторија со пријатели ја прославувала Новата година.
Сведок на настанот, како што наведуваат американските медиуми, им рекол на итните служби дека непосредно пред да ѝ се влоши состојбата таа наводно консумирала кокаин. Официјалната причина за смртта сè уште не е утврдена и се чека резултатот од обдукцијата.
Сомнение за предозирање, без траги на насилство
Според полициски извори, кога службениците пристигнале на местото на настанот, усните и ноктите на Викторија биле со синкава боја, што предизвикало сомнение за можно предозирање. Таа била пронајдена без свест на 14-тиот кат од хотелот во раните утрински часови на 1 јануари 2026 година.
Лицата кои биле со неа во собата започнале реанимација, а по пристигнувањето, болничарите ги продолжиле обидите за оживување. За жал, смртта била констатирана на самото место. Полицијата во Сан Франциско соопшти дека не се пронајдени траги на насилна смрт ниту прибор поврзан со дрога. Истрагата е во тек.
Реакции на семејството и хотелот
Семејството на Томи Ли Џонс се огласи со кратко соопштение во петокот навечер.
„Ги цениме сите убави зборови, мисли и молитви. Ве молиме да ја почитувате нашата приватност во овој тежок период“, се наведува во изјавата, потпишана како „Семејството на Викторија Кафка Џонс“.
Од хотелот „Фермонт“ исто така изразија сочувство. „Длабоко сме ожалостени поради инцидентот што се случи во хотелот на 1 јануари 2026 година. Нашите мисли се со семејството и најблиските“, изјави претставник на хотелот за Page Six, додавајќи дека персоналот целосно соработува со полицијата.
Живот со турбуленции
Животот на Викторија Џонс бил обележан и со правни проблеми. Во јуни 2025 година таа беше уапсена поради сомнение за семејно насилство во Напа, Калифорнија, случај кој вклучувал и постаро лице. Таа се изјаснила дека не е виновна и требало повторно да се појави пред суд овој месец.
Во април 2025 година била уапсена и поради попречување службено лице, како и за користење и поседување контролирани супстанци. Обвиненијата за кражба од 2011 година подоцна биле отфрлени.
Викторија, која како дете се занимавала и со глума, зад себе ги остави таткото Томи Ли Џонс, мајката Кимберле Кафли и братот Остин.





