Опозициската СДСМ денеска соопшти дека вицепремиерот во Владата на Христијан Мицкоски, Иван Стоилковиќ, присуствувал на настан во Република Српска на кој биле присутни и припадници на проруската група Ноќни волци.
Од СДСМ наведуваат дека Стоилковиќ самиот се пофалил со своето присуство на настанот преку објава на социјалните мрежи.
„Во објавата на социјалните мрежи Стоилковиќ дури се фали дека на овие настани повеќе од него присуствувал само Никола Селаковиќ“, соопшти СДСМ.
Партијата посочува дека станува збор за Никола Селаковиќ, српски министер за култура, за кого, како што наведуваат, има закажано судење на 4 февруари поврзано со скандалот со Генералштабот во Белград.
„Ова доаѓа по голем корупциски скандал, откако Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, ја повлече својата фирма од проектот во Белград поради корупција и криминал“, се наведува во соопштението.
СДСМ оценува дека, според нив, не станува збор за случајност, туку за потврда на наводите за поврзаност меѓу власта во Скопје и српската владејачка структура.
„Не е ова коинциденција. Ова е доказ за сè што зборува СДСМ – за поврзаноста на ВМРО на Мицкоски и СНС на Вучиќ. Се прават заедно, copy-paste“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се посочува и дека, според СДСМ, координацијата меѓу двете влади се гледала и во најавата за изборите.
„Заедно и изборите ги најавија на Божиќ, на најголемиот христијански празник – само Вучиќ еден час пред Мицкоски, тоа беше разликата“, наведуваат од партијата.
СДСМ во соопштението поставува и директни прашања до јавноста и институциите.
„Дали Стоилковиќ е офицер за врски со СНС и Русија во владата на Мицкоски? Дали сега на сите им е јасна анти-ЕУ кампањата на владата на Мицкоски и намерната изолација за да продолжат криминалните тендери?“, прашува СДСМ.
До моментот на објавување, од кабинетот на вицепремиерот Иван Стоилковиќ нема одговор на обвинувањата изнесени во соопштението.







