На доделувањето на Златни глобуси 2026, Џорџ Клуни го привлече вниманието со краток поздрав на француски јазик, што дел од гледачите го протолкуваа како суптилна политичка порака упатена кон Доналд Трамп. Актерот се обрати со „Bonsoir, mes amis“ („Добра вечер, пријатели мои“) и додаде „C’est un honneur d’être ici“ („Чест ми е што сум тука“), предизвикувајќи реакции на социјалните мрежи.
На сцената му се придружи и долгогодишниот пријател и колега Дон Чидл, со кого заедно го врачија признанието за најдобар филм, кое му припадна на остварувањето Hamnet. Веднаш по настанот, корисници на платформата X коментираа дека францускиот поздрав бил „скриена прозивка“ кон Трамп, пренесува Index.hr.
„Џорџ Клуни се потсмева на Трамп затоа што Трамп се потсмеваше на Клуни затоа што сега е француски државјанин, тоа е смешно“, напиша едно лице на социјалните мрежи. Друг додаде: „Знам дека Трамп врие од лутина во моментов, Џорџ Клуни се врати во САД“.
Контекстот доаѓа од минатогодишните јавни препукувања, кога Трамп на Truth Social саркастично реагираше на веста дека Клуни и неговата сопруга Амал Клуни добиле француско државјанство. Клуни тогаш возврати со хумор: „Целосно се согласувам со сегашниот претседател. Мораме повторно да ја направиме Америка голема. Почнуваме во ноември.“, а француските власти јавно изразија задоволство од новото државјанство на холивудската ѕвезда.
Од 2021 година, Клуни живее во Франција со семејството, каде, како што изјави во интервјуа, водат помирен и поорганизиран семеен живот. Актерот беше и номиниран за Златен глобус за најдобар актер во мјузикл или комедија, а неговото појавување годинава повторно го стави во центарот на вниманието – и филмски и политички.





