Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Масовни протести избувнаа низ Иран на 28 декември 2025 година, во услови на продлабочена економска криза обележана со висока инфлација и нагло зголемување на цените. Она што започна како демонстрации за социјалните проблеми и секојдневното преживување, многу брзо прерасна во национални антивладини протести со барања за политички промени. Брзината на оваа трансформација го одразува економскиот и социјалниот очај, но уште повеќе со години насобраното политичко незадоволство во земјата.
Државата одговори со бруталност. Безбедносните сили беа распоредени во големите градови, следеа масовни апсења, а се воведе интернет-блокада со што се попречи независното известување и се ограничи ширењето фотографии, сведоштва и координацијата меѓу демонстрантите. Самата блокада стана дел од репресијата осмислена да ја разгради колективната свест и да ја осуети осудата од меѓународната јавност.
Билансот на мртви и границите на верификацијата
Иранските власти не објавија официјално потврден податок за бројот на загинатите. Организациите за човекови права, меѓу кои и американската Новинска агенција на активисти на човековите права (Human Rights Activists News Agency), проценуваат дека најмалку три илјади луѓе биле убиени за време на немирите.
Други набљудувачи предупредуваат дека вистинскиот број е веројатно значително повисок.
Прекините во комуникациите, ограничувањата врз новинарската работа и отсуството на независни набљудувачи ја прават прецизната верификација исклучително тешка, ако не и невозможна, во реално време.
Дронови како инструменти на репресија
За време на пресметката со демонстрантите, беа забележани дронови насекаде на местата каде што се одржуваа протестите во Техеран и други градови. Веродостојни извештаи засега укажуваат дека тие биле користени првенствено за надзор, следење на бројноста на толпата, движењето и координација на распоредувањето на безбедносните сили на терен.
Сведоци опишуваат дека дроновите летале невообичаено ниско над насобраните граѓани за време на насилните судири, што укажува на нивна интеграција во оперативните тактики за контрола на масовни собири. Иако се појавија тврдења дека воени дронови биле директно користени за убивање на демонстранти, независното известување досега не дојде до проверени докази дека дронови директно дејствувале врз цивили. Повеќето извештаи укажуваат дека дроновите служеле како средства за извидување и насочување, помагајќи им и на снајперистите и специјалните единици, наместо да функционираат како оружје. Во секој случај, нивната употреба значително ја зголеми ефикасноста и досегот на репресијата.
Признание дека има жртви, но негирање на одговорноста
Во ретко јавно признание (линк до Би-Би-Си) за размерите на насилството, иранскиот врховен лидер Али Хамнеи изјави дека „неколку илјади“ луѓе биле убиени за време на немирите. Ова признание, меѓутоа, веднаш беше проследено со префрлање на вината. Во истиот говор и во поврзани изјави, Хамнеи ги обвини американскиот претседател Доналд Трамп, Соединетите Американски Држави и Израел за насилството во Иран.
Хамнеи го нарече Трамп криминалец, ги обвини странските сили дека ги оркестрираат немирите и ги опиша демонстрантите како „батлери“ и „војници“ на Израел и Соединетите Држави.
Хамнеи има долга историја на прикажување на големите внатрешни немири во Иран како резултат на дејствување на надворешни „непријатели“, особено на Соединетите Држави и западните влади. За време на претходни протести и клучни политички моменти, тој постојано ги обвинува овие актери за мешање и дестабилизација, што е доследен образец во неговата надворешнополитичка реторика. Со прикажување на протестите како надворешно поттикнати, иранската власт настојува да го дискредитира домашното несогласување, да ја измести одговорноста за репресијата и да апелира на националистички чувства во земјата.
Екстернализација на одговорноста, обвинување на жртвата и морално дистанцирање во анализите на насилното однесување
Во анализите на насилното однесување, фразата „Види што ме натера да направам“ претставува класичен облик на изместување на одговорноста, обвинување на жртвата и морално дистанцирање. Извршителот ја признава нанесената штета, но ја пренасочува причинско-последичната врска. Со други зборови, насилството се признава, но дејствувачката улога се негира, а одговорноста се префрла на жртвата или на трета страна. На тој начин, актерот ја задржува привидната морална легитимност додека извршува насилство.
Овој аргумент е чест и добро проучен во случаите на семејно насилство, каде што насилниците често тврдат: „Ти ме испровоцира“ или „Ако не го направеше тоа, немаше да те удрам“. Судовите и психолозите ваквите тврдења ги третираат како форма на присилна контрола, а не како оправдување.
За време на кривични истраги, насилните сторители често тврдат дека жртвата ги „принудила“ на делото и дека околностите „не им оставиле избор“. Ова се смета за реторика на ублажување на вината, а не за објаснување.
Терористичките и екстремистичките наративи го оправдуваат насилството со тврдења дека „се браневме“ и дека „непријателот не ни остави друга алтернатива“. Ова е стандардна техника на радикализација.
Кога овој образец го користи шеф на држава, последиците од оваа постапка стануваат уште потешки. Додека поединечните криминалци најчесто бараат лична аболиција, ја минимизираат сопствената вина и ја обвинуваат жртвата, авторитарната држава настојува да обезбеди историски легитимитет, да го нормализира масовното насилство и да обвини цели популации.
Во случајот на Хамнеи, со обвинување на Трамп, Соединетите Држави или „Западот“, режимот во Техеран ја брише дејствувачката улога на демонстрантите, ги прикажува граѓаните како инструменти на странски непријатели и ја трансформира репресијата во наводна „одбранбена неопходност“. Ова не е аргумент. Тоа е чиста морална инверзија.
Моралното дистанцирање како државна доктрина
Психолошкиот механизам што дејствува тука е моралното дистанцирање, како што го опишува американскиот психолог Алберт Бандура. Во рамките на неговата теорија, „обвинувањето на жртвата“ функционира како клучен когнитивен механизам во т.н. локус на жртвата во процесот на морално дистанцирање.
Откако оваа когнитивна рамка ќе се активира, размерите на „дозволеното“ насилство драматично се прошируваат. Во теоретската рамка на Бандура, изместувањето на одговорноста е јасно видливо во тврдењата дека „странски актери го предизвикале ова“. Дифузијата на одговорноста се рефлектира во изјави од типот „системот мораше да реагира“. Хамнеи користи и дехуманизација, тврдејќи дека демонстрантите се „батлери“ или „поттикнувачи на неред“, а со тоа, според него, тие „не се граѓани“. На крајот, тој настојува да обезбеди морално оправдување тврдејќи дека властите морале да ја „заштитат нацијата“. Откако овие наративи ќе се активираат, секое ниво на насилство станува дозволиво.
Со други зборови, ова е наратив што суштински значи: „види што ме натера да направам“.
Хамнеи, како и други авторитарни фигури низ историјата и денес, го користи истиот аргумент што го користат насилни поединци и криминалци. Разликата не е во структурата, туку во размерите. Кога ваков аргумент го користи шеф на држава, последиците не се една или неколку жртви, туку илјадници загинати. Затоа одговорноста се брише намерно и систематски.
Пропагандата како дозвола, а не како објаснување
Живо се сеќавам на реченицата „Нико не сме да вас бије“ од озлогласениот говор на српскиот лидер Слободан Милошевиќ на Газиместан, Косово, во 1987 година. За мене, тој говор беше злокобна најава за крвавото распаѓање на поранешната југословенска федерација во 1990-тите. Милошевиќ беше суден и почина во притвор во хашки затвор во 2006 година, обвинет, но не и осуден за воени злосторства.
Таа реченица – „Нико не сме да вас бије“ („Никој не смее да ве тепа“) – не беше ветување за заштита. Таа беше структура на дозвола. Она што следеше беше добро познат авторитарен потег: насилството беше претставено како неопходност, одговорноста беше префрлена на други, а вината беше „испрана“ преку наратив на жртва и револт. Логиката беше едноставна и смртоносна: ние не го избравме насилството, туку „нè натераа на тоа“.
Истата логика ја слушаме и денес.
Кога Хамнеи признава масовни убиства, а потоа ги обвинува Трамп, Соединетите Држави или „Западот“, тој не нуди објаснување. Тој активира доктринарен наратив. Тоа е истиот наратив што Владимир Путин го користи за да тврди дека „НАТО ја принудило на инвазија врз Украина“, и што Башар ал-Асад го користеше за да ги преименува цивилите во „терористи“ со цел да ја уништи опозицијата. Различни режими, идентична шема.
Пропаганда на хибридна војна и стратегијата на парализа
Ова не е реторика што произлегува од емоции. Вака функционира пропагандата на хибридна војна. Таа со право може да се класифицира како таква, бидејќи наративот намерно се користи паралелно со државното насилство за да се измести одговорноста, да се обликуваат домашните и меѓународните реакции и да се парализира процесот на одговорност низ политичките, правните и информативните домени. Целта не е убедување, туку одложување, поделба и обесхрабрување на ефикасна реакција.
Методот е прецизен. Се признава дека има загинати, злосторства и разурнување, бидејќи негирањето повеќе не помага. Потоа се извртува причинско-последичната врска: убиецот станува оној што „реагира“, а жртвата станува „провокација“. Вината се префрла на странски непријатели, граѓаните се претвораат во нивни наводни посредници, а информативниот простор се заситува со двосмисленост, сè додека одговорноста не се замагли. Целта не е убедување. Целта е парализа.
Мора да се запомни дека во хибридната војна, конфузијата е победа. Штом новинарите ќе почнат да дебатираат за „контекст“, дипломатите повикуваат на „воздржаност од сите страни“, а институциите ја одложуваат реакцијата во очекување на „дополнителна верификација“, наративното оружје ја завршило својата работа. Насилството на теренот се стабилизира преку магла во разбирањето. Тоа е она што денес се случува во Украина. И тоа е начинот на кој воените злосторници и диктаторите ја водат својата пропагандна војна, за да убиваат луѓе, да освојуваат територии, да ја задржат власта и да ја убијат вистината.
Образецот на пропагандата и неговата судбина
Милошевиќ го усоврши овој образец на Балканот, повикувајќи се на „загрозени Срби“ и странски заговори. Путин го повторува тврдејќи дека Русија е егзистенцијално загрозена и опколена. Асад го „осветли“ како борба против тероризмот. Хамнеи денес е ехо на тие наративи, прикажувајќи ги демонстрантите како инструменти на непријателски сили. Формулациите се менуваат, но функцијата не. Пораката е секогаш иста: „види што ме натера да направам“.
Историјата не е наклонета кон овој аргумент. Слоганите на Милошевиќ не поминаа на меѓународната сцена, туку завршија со затвор. Истото ќе важи и за денешните владетели кои веруваат дека наративната инверзија може да ја избрише одговорноста и отчетноста. Не може. Таа може само да ја одложи пресудата, никогаш да ја спречи.
Препознавањето на овој образец е од суштинско значење. Тоа ја поместува нашата реакција од чиста огорченост кон анализа, од личности кон доктрина, од изолирани кризи кон заеднички авторитарен оперативен систем. И ѝ го одзема на пропагандата нејзиниот највреден ресурс: привидот дека масовното насилство понекогаш е неизбежно.
Зашто кога една држава тврди дека била „принудена“ да ги убие сопствените граѓани, како што тоа денес го прави Хамнеи, или да напаѓа други држави, како што Путин води војна против Украина – тоа не ја објаснува реалноста.
Ја открива стратегијата.
Преземено: Цивил Медиа
CIVIL TODAY, 18 January 2026
© 2026 Jabir Deralla. Published by CIVIL. All rights reserved. The views expressed are solely those of the author.
Illustration created with the assistance of AI-generated imagery using OpenAI tools. Editorial responsibility rests with the author.





