Опозициската СДСМ соопшти дека располага со информации според кои утре, 22 јануари 2026 година, во Давос е планирана средба на премиерот Христијан Мицкоски со компанија која работи со програми за престој и државјанства преку различни типови инвестиции.
„Информациите кои се доставени до СДСМ потврдуваат дека утре, 22.01.2026 година, во Давос е планирана средба на премиерот Христијан Мицкоски со компанија која работи со програми за престој и државјанства, преку различни типови на инвестиции“, соопштија од СДСМ.
Според партијата, средбата е закажана за 18.30 часот и треба да се одржи во Global Citizens House во Давос, но, како што наведуваат, Владата досега не ја информирала јавноста за ваков состанок.
Од СДСМ посочуваат дека оваа средба доаѓа во чувствителен момент, веднаш по одлуките на Владата поврзани со прием на 10.000 „економски работници“, измените на Законот за странци, како и по договорот за кој информираа британските медиуми.
„Оваа средба со компанија која работи со програми за престој и државјанства доаѓа по одлуката за прием на 10.000 ‘економски работници’, промената на Законот за странци и договорот за кој известија британските медиуми“, наведуваат од партијата.
Во соопштението, СДСМ поставува директни прашања до премиерот и Владата.
„Прашуваме, дали Мицкоски во Давос бара посредничка куќа за мигрантите? Дали на Владата толку и требаат пари што и се брза преку посредници да ги осигура?“, се наведува во соопштението на СДСМ.







