Интензивни дипломатски реакции по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД би можеле да преземат контрола врз Гренланд, потег што отвори сериозни безбедносни и економски прашања на меѓународната сцена.
На новинарско прашање во Белата куќа колку далеку е подготвен да оди за да го „преземе“ Гренланд, Трамп одговори кратко:
„Ќе дознаете“.
Кога беше соочен со фактот дека мнозинството жители на Гренланд не сакаат да станат дел од САД, американскиот претседател изјави дека е „сигурен дека ќе бидат воодушевени“.
Трамп дополнително порача дека „нема враќање назад“ во неговиот план, тврдејќи дека „Гренланд е императив“. Во исто време, ја доведе во прашање подготвеноста на НАТО да застане на страната на САД.
„Знам дека ние секогаш ќе дојдеме на помош на НАТО, но навистина се прашувам дали тие ќе дојдат на наша“, рече Трамп.
ЕУ подготвува суспензија на трговски договор
Според извори блиски до Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, тешко преговараниот трговски договор меѓу ЕУ и САД е на пат да биде суспендиран. Договорот требаше да биде ратификуван веќе следната недела.
Трговскиот договор беше постигнат од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината средба со американскиот претседател Доналд Трамп во јули, одржана на неговиот голф-терен во Тарнбери.
Што е „економската базука“ на ЕУ и каде може најсилно да удри како одговор на царините на Трамп
Макрон од Давос: Европа не смее да се двоуми да ги употреби своите алатки – „Претпочитаме право пред бруталност“
Говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на Светскиот економски форум во Давос вчера, доаѓа во момент на засилени дипломатски тензии, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави приватни пораки што, според него, покажуваат збунетост на Макрон околу прашањето за Гренланд и неговиот предлог за одржување проширена средба на Г7 во Париз со учество на руски претставници на маргините.
Во своето обраќање, Макрон порача дека Европа „не треба да се двоуми да ги употреби алатките што ѝ стојат на располагање“ за да ги заштити сопствените интереси, во контекст на ескалацијата на трговските закани од Вашингтон и најавениот говор на Трамп денеска во Давос, пренесува Euronews.
„САД сакаат да ја потчинат Европа“
Францускиот претседател остро ја критикуваше американската конкуренција, наведувајќи дека таа има за цел да ја „потчини Европа“.
„Европа јасно мора да ги реши своите клучни прашања“, нагласи Макрон, повикувајќи на поголема иновација и приватни инвестиции во стратешките сектори.
Иако не го спомена директно Трамп, Макрон не ја избегна темата. Говорот го отвори со зборовите: „Ова е време на мир, стабилност и предвидливост“, што предизвика смеа кај публиката, по што додаде дека светот, напротив, се соочува со „нестабилност и нерамнотежа“, а дека „конфликтот стана нормализиран“.
Индиректна порака кон Трамп
Осврнувајќи се на бројните војни што го обележуваат 2025 година, Макрон иронично забележа: „Слушам дека некои од нив биле решени“, изјава што беше протолкувана како индиректна порака кон Трамп.
Кон крајот на економски ориентираниот говор, тој повторно се наврати на геополитиката.
„Ова не е време за нов империјализам или нов колонијализам. Ова е време за соработка со цел да ги решиме трите глобални предизвици за нашите граѓани“, рече Макрон.
Тој го заврши обраќањето со јасна порака:
„Ние претпочитаме почит пред насилниците. И го претпочитаме владеењето на правото пред бруталноста“.
Објавени приватни пораки и трговски закани
Говорот на Макрон следи откако Трамп објави скриншотови на својата платформа Truth Social од пораки за кои тврди дека му биле испратени од францускиот претседател. Во нив, Макрон изразува несогласување со потезите на Трамп околу Гренланд и предлага одржување средба со „Украинците, Данците, Сиријците и Русите“, како и вечера во Париз.
„Пријателе… не разбирам што правиш со Гренланд. Ајде да се обидеме да изградиме големи работи“, стои во една од пораките што ги објави Трамп.
Пораките беа објавени откако Макрон одби да се приклучи на иницијативата на Трамп „Board of Peace“, по што американскиот претседател се закани со воведување царини од 200 отсто за француското вино и шампањ.
„Никој не го сака, бидејќи наскоро ќе замине од функцијата. Ќе воведам царини од 200 отсто и тогаш ќе се согласи“, изјави Трамп.
Повик за европска стратешка автономија
Во прес-брифинг пред говорот во Давос, кабинетот на францускиот претседател – Елисејската палата – јавно ја критикуваше стратегијата на Трамп со царини, оценувајќи дека тие не се решение за глобалните проблеми или економските нерамнотежи.
Француските власти ја опишаа оваа трговска принуда како антикооперативна и суштински погрешна, додавајќи дека актуелните настани ја потврдуваат долгогодишната позиција на Макрон за потребата од европска стратешка автономија.
Вонреден самит и можни итни мерки
Настапот на Макрон во Давос се совпаѓа со најавениот вонреден самит на Европска унија во четврток, истиот ден кога францускиот претседател му предложи на Трамп средба во Париз.
Франција е меѓу земјите што повикуваат на активирање на антиприсилниот механизам на ЕУ, итна алатка што би можела да го ограничи работењето на американските компании на европските пазари.
Во меѓувреме, Трамп за време на разговор со генералниот секретар на НАТО Марк Руте инсистирал дека „нема враќање назад“ од американската позиција за Гренланд, кој, според него, е „императивен за безбедноста на САД и на светот“.
Пораки од Давос: „Усогласувањето повеќе не носи безбедност“
Претходно во текот на денот, на Светскиот економски форум во Давос, канадскиот премиер зборуваше за нов светски поредок во кој, како што рече, „усогласувањето повеќе не купува безбедност“, индиректно алудирајќи на зголемената геополитичка нестабилност.
Германски европратеник: „Нема алтернатива“ освен суспензија на трговскиот договор ЕУ–САД поради Гренланд
Нема „никаква алтернатива“ освен суспендирање на трговскиот договор меѓу Европската унија и САД поради заканите поврзани со Гренланд, изјави за BBC News германскиот европратеник Бернд Ланге.
Ланге, кој е претседател на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, оцени дека со ваквите постапки Вашингтон директно ја загрозува стабилноста на трговските односи меѓу ЕУ и САД.
„Со заканување на територијалниот интегритет и суверенитетот на земја-членка на ЕУ и со користење царини како инструмент на присила, САД ја поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи меѓу ЕУ и САД“, изјави Ланге.
Комитетот со кој претседава Ланге мора да даде согласност за договорот, чии детали се финализираат во последните месеци, пред тој да може да биде ставен на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.
Според Ланге, политичката порака од Брисел е недвосмислена.
„Европскиот парламент е јасен и непоколеблив во својата посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд“, порача германскиот европратеник.
Полскиот премиер Туск: „Попуштањето е знак на слабост – Европа мора да покаже сила“
Полскиот премиер Доналд Туск порача дека Европа мора да настапи со сила и самодоверба во услови на зголемени геополитички тензии, предупредувајќи дека попуштањето никогаш не носи резултати.
„Попуштањето секогаш е знак на слабост“, напиша Туск на социјалните мрежи, без директно да го спомене американскиот претседател Доналд Трамп.
Според него, Европската унија не смее да си дозволи слабост, ниту кон непријателите, ниту кон сојузниците.
„Европа не може да си дозволи да биде слаба – ниту кон своите непријатели, ниту кон сојузниците. Попуштањето не значи резултати, туку понижување. Европската решителност и самодоверба станаа потреба на моментот“, напиша Туск.
Калас: Сувереноста на Гренланд не е на продажба
Гренланд им припаѓа на неговите луѓе и никакви закани или царини нема да го променат тоа бидејќи сувереноста не е на продажба, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на вчерашната дебата во Европарламентот посветена на територијалниот интегритет и суверенитет на Гренланд и Кралството Данска,
– Европската Унија, без никаков сомнеж, стои зад Гренланд и Кралството Данска во одбрана на нивниот територијален интегритет и суверенитет – изјава Калас нагласувајќи дека е свесна за стратешката важност на Гренланд како место на кое минуваат клучните подморнички рути и како извор на ретки суровини значајни за глобалната економија.
Сепак, според неа, најавите на американскиот претседател Доналд Трамп од саботата за воведување царини кон земјите што не го поддржуваат американското преземање на Гренланд создаде ситуација каква што не е доживеана досега.
Ј. Ѓорѓиоски











































































































