Коалицијата ВЛЕН остро реагира на, како што наведуваат, неодговорниот и конфузен настап на ДУИ во однос на системот „Безбеден град“, оценувајќи дека станува збор за прашање од суштинско значење за јавната безбедност и заштитата на човечките животи.
„Системот ‘Безбеден град’ е прашање на јавна безбедност, на заштита на животите на граѓаните и на воспоставување ред на улиците. Кога зборуваме за ‘Безбеден град’, зборуваме за животите на луѓето“, соопштија од ВЛЕН.
Од коалицијата нагласуваат дека секојдневно се губат човечки животи поради непочитување на сообраќајните правила и нефункционален систем, а токму на оваа сериозна тема, според нив, ДУИ покажала неспособност да заземе јасен и одговорен став.
„На улиците денес некој го губи својот татко, син или сестра затоа што некој друг мислел дека правилата важат само за другите. И токму на толку сериозна тема, самопрогласената ‘реформирана’ ДУИ, односно таканаречениот ‘Европски фронт’, докажа дека не е способна да произведе ниту еден јасен став“, наведуваат од ВЛЕН.
Како пример за ваквата, како што ја оценуваат, конфузна политика, од ВЛЕН посочуваат на јавните настапи на претставници на ДУИ, каде, според нив, граѓаните добиле спротивставени пораки.
„Граѓаните слушнаа две верзии од истата партија. Во принцип беше ‘да’, а потоа Садула Дураку излезе и призна дека ‘работите им се збунувачки’. Се поставува прашањето – дали се за или против, дали ќе гласаат за законот или ќе го блокираат“, се вели во реакцијата.
Од ВЛЕН оценуваат дека ваквиот пристап е континуитет на политиката што ДУИ ја практикувала со години.
„Токму така функционираше ДУИ отсекогаш – со грешки, полурешенија и магла, многу пропаганда и малку реални решенија. На граѓаните им се потребни институции што функционираат, а не партии што играат пинг-понг со јавниот интерес“, порачуваат од ВЛЕН.
Во соопштението се потенцира дека „Безбеден град“ не смее да биде тема за дневнополитички калкулации.
„Безбедниот град не е тема за дневна политика, туку тема за ред и за спасување животи“, се наведува во реакцијата на коалицијата ВЛЕН.







