Олимпискиот комитет на Северна Македонија го потврди официјалниот состав на македонската делегација што ќе ја претставува државата на претстојните Зимски олимписки игри Милано–Кортина 2026 во Италија.
Македонскиот тим ќе настапи со четири обезбедени олимписки норми, а националните обележја ќе ги носат четворица спортисти во две зимски дисциплини.
Во нордиско трчање (крос-кантри) ќе настапат Ана Цветановска, која ќе се натпреварува во дисциплините спринт и интервал старт на 10 километри, како и Ставре Јада, кој исто така ќе се натпреварува во спринт и интервал старт на 10 километри.
Во алпско скијање македонските бои ќе ги бранат Јана Атанасовска, која ќе настапи во слалом и велеслалом, и Мирко Лазарески, кој ќе се натпреварува во истите дисциплини.
Од Олимпискиот комитет информираат дека спортистите покажале високо ниво на посветеност и подготвеност во текот на квалификацискиот период и се подготвени за настап против светската елита. Воедно, јавноста и медиумите се повикуваат да дадат поддршка за македонските олимпијци, а сите официјални информации, резултати и содржини од игрите ќе бидат објавувани преку официјалните канали на комитетот.





