Според најновата анкета на истражувачката куќа Zavecz Research, објавена во текот на јануари, поддршката за опозициската партија Тиса во Унгарија е 49 проценти, што е зголемување од 2 процентни поени во споредба со ноември, додека поддршката за владејачката партија Фидес изнесува 39 проценти, зголемена за 1 процентен поен во истиот период. Овие податоци важат за одлучени гласачи во анкетата спроведена меѓу 19 и 24 јануари.
Анкетата, објавена преку унгарскиот портал Telex и цитирана од Ројтерс, покажува дека Тиса ја задржува предноста од околу 10 процентни поени над Фидес меѓу одлучените гласачи, додека партијата Mi Hazánk (Нашата татковина) добива околу 5 проценти од гласовите.
Според други детали од истата анкета, Тиса има значително повисока поддршка меѓу помладите гласачи (под 39 години), Фидес, бележи поголема поддршка меѓу повозрасните гласачи и оние со понизок степен на образование.
Резултатите укажуваат на значајни промени во јавното мислење пред парламентарните избори во Унгарија, кои се очекуваат во април 2026 година.
Ваквото водство на Тиса се чита како најсериозен предизвик за Орбан во изминатата деценија. Особено загрижувачки за Фидес е податокот дека Тиса доминира кај помладите гласачи и урбаното население – групи кои сè почесто ја поврзуваат власта со авторитарни тенденции, медиумска контрола и конфликтен однос со Европската Унија.
Аналитичарите оценуваат дека, доколку трендот продолжи, Орбан би можел да се соочи со реална опасност од губење на долгогодишната политичка доминација. Иако Фидес сè уште има силна инфраструктура, контрола врз институциите и медиумите, јавното мислење – барем според оваа анкета – покажува знаци на замор од моделот на владеење што Орбан го гради повеќе од една деценија.
Ј. Ѓ.





