Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска обвини дека тендерска мрежа на фирми, поврзани со компанијата „Пирамид билдинг солушнс“, води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф на кабинет Владимир Нелоски.
На прес-конференција, генералниот секретар на СДСМ и претставник на Антикорупцискиот тим, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ станала фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, добивајќи дури 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ објави повеќе факти и докази за фирмата ‘Пирамид билдинг солушнс’, која стана фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО. Дури 51 тендер во вредност од 16 милиони евра добила оваа фирма“, рече Димитријевиќ.
Тој посочи дека преку дигиталната платформа МИЦКО.мк било откриено дека сопственикот на фирмата бил и член на Избирачки одбор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а тендерската мрежа се ширела преку семејни и партнерски компании.
Според СДСМ, сопругата на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“, Оливера Доновска, има заедничка фирма со Филип Гулевски, кој преку друга компанија добил тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром, во вредност од 1,1 милион евра од Министерството за спорт.
Димитријевиќ обвини дека најновите сознанија ја поврзуваат оваа мрежа директно со кабинетот на премиерот.
„Денеска откриваме нова бомба. Оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф Владимир Нелоски“, изјави тој.
Како што беше наведено, Оливера Доновска е сопственичка и управителка и на фирмата „ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје“, а по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, како содружник во фирмата се приклучил Јовица Нелоски, татко на Владимир Нелоски.
„Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме – имаат и тендери“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека додека Владата тврди дека нема средства за зголемување на платите и пензиите, „има пари за тендери, за фирми на роднини и партиски поврзани компании“.
„Ова е уште еден доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми водат директно до кабинетот на Мицкоски. АКТ продолжува – работата не е завршена“, порача генералниот секретар на СДСМ.





