Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека настапот на пејачот Бед Бани на полувремето од Супербоул бил „апсолутно ужасен“ и „еден од најлошите досега“, јавува Ројтерс.
Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинез Окасио, беше главна ѕвезда на шоуто на полувремето на Супербоул LX, одржан во Санта Клара, Калифорнија, каде се слушаше шпански јазик и регетон ритми на најгледаниот спортски настан во САД.
„Супербоул шоуто на полувремето е апсолутно ужасно, едно од најлошите, КОГА БИЛО! Нема никаква смисла, претставува навреда за големината на Америка и не ги претставува нашите стандарди за успех, креативност или извонредност“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social по завршувањето на настапот.
Ова не е првпат Трамп јавно да го напаѓа пејачот. Неколку недели пред Супербоул, тој ја нарече одлуката Бед Бани да биде избран за главен изведувач на полувремето „апсолутно апсурдна“.
31-годишниот артист, чиј албум Debí Tirar Más Fotos ја освои наградата за Албум на годината на овогодинешните Греми награди, јавно ја критикуваше политиката на депортации на Трамп и отворено ја поддржа Камала Харис на претседателските избори во 2024 година.
Паралелно со официјалниот настап на Супербоул, конзервативната организација Turning Point USA организираше алтернативен концерт под наслов „All-American Halftime Show“, на кој настапија Kid Rock и други изведувачи.
Настанот беше промовиран на платформата X од повеќе личности блиски до Трамп, меѓу кои и секретарот за одбрана Пит Хегсет, кој објави дека неговото семејство го следи алтернативниот концерт.








