Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати серија обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во врска со одредувањето куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека станува збор за „режирано сценарио“.
„Сè што досега кажа Мицкоски и ВМРО-ОКГ се покажа дека е голема лага. Театарот и режираното сценарио со Груби веќе стана циркус“, изјави Кузеска.
Таа посочи дека Обвинителството го оправдало куќниот притвор со безбедносна проценка од МВР и АНБ, со образложение дека Груби не бил безбеден.
„Обвинителството под контрола на Мицкоски го правдаше скандалозното одредување куќен притвор за Груби со безбедносна проценка дадена од МВР и АНБ. Не бил безбеден и затоа морале да одредат куќен притвор“, рече Кузеска.
Според неа, директорот на затворот „Шутка“ истовремено ги демантирал ваквите тврдења.
„Истиот ден, директорот на затворот Шутка го демантираше обвинителството. Според него ниту АНБ ниту МВР не дошле и не направиле проценка“, истакна таа.
Кузеска се осврна и на изјавата на премиерот дека станува збор за класифицирани информации.
„Мицкоски вчера јавно на телевизија рече дека тоа биле класифицирани информации, доверливи и не може да се соопшти. Имал чувство“, изјави таа, додавајќи дека сега се појавуваат информации дека наводно „странски служби“ дале предупредување.
„Само не кажаа која, дали српска или руска странска служба? Ако нема проценка од АНБ и МВР, како Обвинителството донело одлука за куќен притвор?“, праша Кузеска.
Таа оцени дека „нема посилна потврда од ова дека сè е договорено и смислено“ и дека се прави дефокус за да се прикрие „дилот којшто го направиле“.
„Има, па нема безбедносна проценка. Дале проценка АНБ и МВР па не дале. Сега странски служби. Недостасуваат уште ‘жолтите комбиња’ и сликата да била комплетна“, рече Кузеска.
Според СДСМ, премиерот преку јавни настапи најавувал што ќе прави Обвинителството и како ќе постапува во случајот.
„Кому веќе не му е јасно дека Мицкоски управува и со обвинителството? Сè е договорено. Граѓаните не се глуви и не се слепи, гледаат и знаат сè“, изјави Кузеска.







