Канадскиот премиер Марк Карни оцени дека војната што САД и Израел ја водат против Иран претставува „уште еден пример за неуспех на меѓународниот поредок“, критикувајќи ги двете земји дека не ги консултирале сојузниците пред преземањето на акцијата.
Во соопштение објавено синоќа, Карни нагласи дека Канада и понатаму го смета иранскиот нуклеарен програм за „сериозна глобална закана“, но истовремено повика на брза деескалација на конфликтот.
„Иранската нуклеарна закана и понатаму постои и покрај децениските резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, неуморната работа на Меѓународната агенција за атомска енергија, како и низата санкции и дипломатски рамки“, изјави Карни.
Карни додаде дека САД и Израел дејствувале без вклучување на Обединетите нации и без консултации со сојузниците, меѓу кои и Канада.
„Канада повторно потврдува дека меѓународното право ги обврзува сите страни во конфликтот. Ги осудуваме нападите што Иран ги изведе врз цивили и цивилна инфраструктура низ Блискиот Исток“, изјави канадскиот премиер.
Тој упати повик до сите страни во конфликтот да ги почитуваат правилата на меѓународното право.
„Ги повикуваме сите страни, вклучително и САД и Израел, да ги почитуваат правилата на меѓународното дејствување“, додаде Карни.
Изјавите на канадскиот премиер се надоврзуваат на неговиот говор на Светскиот економски форум во јануари, кога предупреди дека глобалниот поредок минува низ „пукнатина“ по децении американска хегемонија.







