Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не сака да каже дали новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, има „мета на грбот“, оценувајќи дека неговиот избор на функцијата може да донесе нови проблеми за земјата.
На прашање на новинарите дали Моџтаба Хамнеи е потенцијална цел, Трамп одговори дека не сака да навлегува во такви проценки.
„Не сакам да кажам дали има или нема мета на грбот, затоа што тоа би било несоодветно“, рече Трамп на прес-конференција.
„Разочаран сум од нивниот избор“
Трамп изјави дека е разочаран од изборот на Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на Иран.
„Бев разочаран, затоа што мислиме дека тоа ќе доведе само до истите проблеми за таа земја“, рече тој.
Американскиот претседател додаде дека би сакал идниот лидер на Иран да биде некој кој доаѓа од самата земја и има поддршка од луѓето во неа.
„Ми се допаѓа идејата тоа да биде некој одвнатре и на долг рок“, изјави Трамп.
Спомнат и синот на шахот
Трамп во изјавата се осврна и на можноста за политичка улога на синот на последниот ирански шах.
„Луѓето зборуваат за синот на шахот, но тој не бил во Иран многу, многу години“, рече Трамп.
Тој ја спореди ситуацијата во Иран со политичките процеси во Венецуела, додавајќи дека САД имаат „формула што досега функционирала добро“.
„Иран ќе го преземеше Блискиот Исток“
Трамп исто така изјави дека Иран ќе го преземел Блискиот Исток доколку САД и Израел не нападнале први.
„Иран е многу моќна земја. Тие би го презеле Блискиот Исток. Да не ги нападневме, ќе го преземеа регионот“, рече тој.
„Војната ќе заврши наскоро“
Американскиот претседател изјави дека конфликтот со Иран би можел да заврши наскоро, но не даде точен временски рок.
„Не до крајот на неделата, но мислам дека ќе биде многу скоро“, рече Трамп.
„Воените цели се речиси постигнати“
Трамп истакна дека американските сили постигнуваат „голем напредок“ во Иран.
Според него, САД погодиле повеќе од 5.000 цели, вклучително и објекти поврзани со производство на дронови.
„Може да се каже дека воените цели се практично постигнати“, рече Трамп.
Редакција Фронтлајн







