Австралиската актерка Руби Роуз упати сериозни обвинувања против поп-ѕвездата Кети Пери, тврдејќи дека била сексуално нападната од неа пред деценија и пол во Мелбурн. Полицијата во австралиската сојузна држава Викторија потврди дека е покрената истрага за „историски сексуален напад“ кој се случил во 2010 година.
Според полициското соопштение, инцидентот се случил во ноќен клуб во центарот на Мелбурн. Иако поради протоколите за приватност не се соопштуваат имињата на инволвираните, детективите од тимот за истрага на сексуални деликати потврдија дека работат на случајот. Во државата Викторија не постои застареност за пријавување на ваков тип кривични дела, што овозможува правна разрешница и по 16 години.
Руби Роуз, која е позната по своите улоги во сериите „Orange Is the New Black“ и „Batwoman“, ги објави обвинувањата преку низа пораки на социјалната мрежа „Threads“, кои подоцна беа избришани. Таа напиша дека тогаш била во своите рани 20-ти години и дека и биле потребни две децении за јавно да проговори за траумата. Актерката исто така потврди дека веќе ги финализирала сите извештаи во полицијата и дека повеќе нема јавно да го коментира случајот.
Тимот на Кети Пери остро ги демантираше овие наводи, нарекувајќи ги „опасни и непромислени лаги“. Во официјалното соопштение, претставниците на пејачката истакнаа дека Роуз има историја на упатување сериозни јавни обвинувања против разни поединци, кои постојано биле негирани од именуваните страни. Засега, истрагата останува отворена, а австралиските власти одбиваат да дадат дополнителни детали додека процесот е во тек.





