Комисијата за култура на СДСМ упати остри критики до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, реагирајќи на неговата организација на настан и дебата по повод Денот на Европа (9 Мај) дури на 22 мај. Опозициската партија го обвини градоначалникот за недостиг на чувство за време, организација и реална посветеност кон културните процеси.
Во соопштението, од СДСМ иронично забележуваат дека времето кај Ѓорѓиевски „очигледно тече по некој специјален календар“. Според нив, доколку се продолжи со вакво темпо, престижната титула „Скопје – Европски град на културата 2028“ граѓаните би можеле да ја дочекаат дури во 2030 година.
„Добро е што конечно се организира дебата за културата, но уште подобро би било градоначалникот да покаже малку повеќе чувство за време. Скопје не станува европски град на културата со задоцнети кафе-разговори и протоколарни фотографии, туку со работа, визија, проекти и грижа за културните работници и институции“, се наведува во реакцијата на Комисијата за култура на СДСМ.
Од партијата му порачаа на градоначалникот „малку да запне“, потсетувајќи го дека Европа не чека на никого и дека главниот град заслужува многу повеќе од, како што велат, политички пи-ар со задоцнување.
На крајот од соопштението, СДСМ испрати уште една саркастична порака до Ѓорѓиевски: „Со ова темпо, страв ни е да не почнеш и новогодишната елка да ја китиш за Велигден“.







































































































