Десет дена пред почетокот на 60-тото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, организаторите ги објавија деталите за продажбата на билетите. Најстариот театарски фестивал во земјава ќе се реализира од 5 до 12 јуни на повеќе локации низ Прилеп.
Поради големиот интерес, дел од билетите ќе бидат пуштени во онлајн-продажба в четврток (28 мај) преку системот на karti.com.mk, со почеток точно во 10:00 часот. Физичката продажба на билетите на билетарницата на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе започне в понеделник (1 јуни).
Важно е да се напомене дека и електронската и физичката продажба се ограничени на најмногу четири билета по лице за една претстава.
За потребите на фестивалот, билетарницата во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе работи секој ден во периодот од 1 до 12 јуни, и тоа во два термини: од 10:00 до 14:00 часот и од 17:00 до 21:00 часот. Дополнително, организаторите известуваат дека за претставите кои се играат на малата сцена или директно на самата главна сцена во Центарот за култура, во продажба ќе биде пуштен само одреден, ограничен број на влезници.
Истовремено, од фестивалот информираат дека „Театар Комедија“, кој беше селектиран со претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“, донел одлука да не учествува на овогодинешното издание.










































































































