Министерството за правда соопшти дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дал значајна потврда за реформскиот курс на државата и директно ги поздравил континуираните напори и постигнатиот напредок во спроведувањето на реформската агенда. Како што информираат од ресорното министерство, ова претставува силен поттик за понатамошно ефикасно спроведување на неопходните системски реформи.
Од Министерството изразија особено задоволство од фактот што Европската Унија официјално го препознала усвојувањето на Патоказите за владеење на правото и за реформата на јавната администрација.
Од таму потенцираат дека овие два клучни документи се конкретен и опиплив резултат на посветеноста на институциите.
„Овие стратешки документи претставуваат темел за изградба на поефикасни институции, посилно владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за правда порачуваат дека институцијата останува цврсто на линијата за спроведување на реформите, исполнување на високите европски стандарди и сеопфатно забрзување на евроинтегративниот процес на земјата.
На крајот од соопштението се заклучува дека признанието што доаѓа директно од највисоките европски претставници е јасен показател дека преземените чекори даваат реални резултати, а државата сигурно чекори кон полноправно членство во европското семејство.







