Инспирирани од сѐ почестите случаи на врсничко насилство и загрижувачките последици што тие ги оставаат врз младите, група активисти реализираа урбана уметничка акција со цел да понудат поинаква порака и поинаков избор за младата популација. Акцијата е директен одговор на неартикулираниот бес и фрустрации кои младите сѐ почесто ги насочуваат кон своите врсници. Наместо насилство, навреди и физички пресметки, иницијативата има за цел да ги поттикне младите луѓе својата енергија да ја насочат кон спорт, креативност и други позитивни активности кои придонесуваат за личен развој и градење здрави односи во заедницата.
Во рамки на акцијата, на повеќе фреквентни локации и спортски маалски игралишта низ Скопје, односно на места каде младите најчесто го поминуваат своето слободно време, веќе се поставени десетина боксерски вреќи. На нив се испишани силни пораки како: „Удри во вреќата, не во човекот“, „Остави го ударот овде“ и „За удирање – вреќа. за луѓе – почит“. Преку овие натписи се поттикнува сериозно размислување за последиците од насилството и се охрабруваат младите да направат здрав избор за канализирање на агресијата.
Организаторите се свесни дека десетина боксерски вреќи не можат целосно да го решат овој комплексен проблем, но веруваат дека можат успешно да го свртат вниманието на јавноста за да не се заборави дека насилството постои и дека е околу нас. Со оваа урбана инсталација се упатува апел до родителите, образовните институции, локалните власти и државните институции посериозно да се посветат на овој проблем и заеднички да создаваат повеќе можности за спорт, култура и квалитетно поминување на слободното време како директна алтернатива на деструктивното однесување.
Аларм пред почетокот на летниот распуст
Ваквите иницијативи доаѓаат во време кога врсничкото насилство станува сè почеста појава во Македонија, а бројните инциденти во последните месеци сериозно ја вознемирија јавноста. Акцијата потсетува дека насилството не е неизбежен дел од растењето и дека општеството има обврска да создава безбедна средина без страв и притисоци. Дополнителен аларм и загриженост предизвикува фактот што со почетокот на летниот распуст младите ќе имаат многу повеќе слободно време и помал надзор од наставниците и родителите, што дополнително може да придонесе за растресеност и зголемување на различните форми на деликвенција.
Иако примарниот фокус е ставен на меѓуврсничките судири, акцијата истовремено испраќа порака и против сите други форми на насилство во општеството, вклучително и семејното насилство и насилството врз жените. Активистите порачуваат дека секој удар што нема да заврши врз друго човечко суштество е чекор кон похумана заедница, потенцирајќи дека спортот и културата се најмоќните алатки преку кои младите можат да изградат вистинска самодоверба и почит.










