СДСМ денеска предупреди дека во заштитеното подрачје околу изворот Рашче се создава дива депонија, која, според партијата, претставува потенцијална закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изјави дека отпадот се наоѓа во околината на изворот од кој со вода се снабдува Скопје, како и во подрачје каде што се произведуваат земјоделски производи.
„Околината на изворот од кој со вода се снабдуваат Скопје и 25 проценти од граѓаните во Македонија е затрупана со отпад. Ова е директна закана за водата за пиење и за здравјето на граѓаните“, рече Димитријевиќ.
Тој побара надлежните институции да утврдат кој го дозволил создавањето на депонијата, кој е одговорен за заштитата на изворот и дали водата е безбедна за користење.
Од СДСМ ја поврзаа состојбата кај Рашче со проблемите со водоснабдувањето во Гостивар и во други населени места, тврдејќи дека повеќе од 50 населени места во земјава се соочуваат со загадена или небезбедна вода.
„Не смее да се чека да се случи уште поголема катастрофа. Кој го штити изворот Рашче, кој ќе гарантира дека водата е безбедна и кој ќе понесе одговорност?“, праша Димитријевиќ.
Тој ја обвини власта за неодговорност и побара итна реакција за отстранување на отпадот и за утврдување на евентуалните ризици за изворот.
„Граѓаните имаат право на чиста и безбедна вода. Водата не е партиска тема. Водата е живот“, порача генералниот секретар на СДСМ.






