Оригиналниот тим минус Ким Катрал ќе се врати на екраните. Од „ХБО“ потврдуваат дека ќе излезе краток серијал – продолжение на приказната за женските приказни од Менхетн, пренесе Радио МОФ.
„Сексот и градот“ се враќа на малите екрани како краток серијал, а најголемиот дел од екипата ќе ги глуми своите оригинални улоги.
Извори од „ХБО“ вчера ја потврдија веста, додека „Страница 6“ извести дека Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис се враќаат, но не и Ким Катрал – актерката која го овековечи ликот на Саманта.
Оваа вест доаѓа една година подоцна откако „Парамоунт“ објавија дека работат на адаптација на книгата на Кендис Бушнел – „Има ли уште секс во градот“ која излезе од печат во 2019 година. Сепак, се’ уште нема никакво известување за овој серијал.
Минатиот септември, Сара Џесика Паркер во интервју за „Ентертејмент тунајт“ изјавила дека е тешко да се игнорира потребата за продолжување на серијата, додавајќи дека и таа би сакала повторно да сними епизоди од „Сексот и градот“.
„Би сакала да видам каде се ликовите денес. Љубопитна сум. Светот се смени премногу откога излегоа филмовите. Се појавија социјалните медиуми – карактерите никогаш не зборуваа за социјалните медиуми,па тоа да се види би било интересно. Карактерите не зборуваа за сексуалната политика и движењето #МеТоо. Мислам дека Кери Бредшо би сакала да си сподели своите размислувања на овие теми“, додала Сара Џесика Паркер.
Извор: Dazed & Confused