пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Се сеќавате ли на Взродителниот процес?
На Големата екскурзија?
На тие цинични изрази со кои комунистичкиот режим на Тодор Живков го потемкираше масовното етничко чистење на муслиманите меѓу 1984 и 1989 година.
На тој страшен етноцид и културоцид, нека да не се плашиме да ги употребиме тие изрази за еден од најмонструозните и најсрамни процеси во повоената историја на Европа.
Според официјални податоци, само во жешкото лето на 1989 од Бугарија се иселени 310.000 муслимани (според одредени извори, станува збор за 344.000 луѓе), а бројот на бугарските Турци на кои насила им се сменети имињата во асимилационата кампања меѓу 1984 и 1989 година изнесува 1.39 милиони души.
Податоците се од минатогодишниот меѓународен симпозиум на оваа тема одржан во Чорлу. Во таа прилика беше изнесен и клучниот став на Тодор Живков од 29 мај 1989 година: „Сите што не се чувствуваат Бугари и не ја прифаќаат Бугарија за своја родина, да си одат од земјата“. Во истата, ми се чини, прилика, првиот човек на режимот изјавува: „Ако ние не протераме 200 до 300 илјади души од тоа население, за 15 години Бугарија нема да ја има.“
Корнењето на безмалку еден и пол милион души од својот културен и животен простор, од својот идентитет, во тие неколку години се претвори во библиска драма во која Мустафа беше исправен пред три можности: експресно да ја напушти Бугарија, само со своето џамаданче, без имотот, без можност да го згрижи или продаде својот имот, да го смени своето етничко турство со бугарство или да го преселат во концентрациониот логор во Белене.
Безумноста наиде на отпор кај Турците во Родопите и пошироко. Имаше демонстрации, судири со полицијата и војската, имаше терористички акти, крената беше во воздух железничката станица во Пловдив, имаше и други напади, жртви, реколтите пропаѓаа, стоката остануваше по ливадите и планините без грижа од стопаните, високообразовани луѓе, доктори, инженери, техничари научници ја напуштаа Бугарија, државата го присвојуваше имотот на прогонетите.
Пред само триесет години, еј!
Сталинистичките камаради на најпростачкиот идиот во историјата на политиката, се раководеле од идејата за консолидација на бугарската нација врз етничка основа. Во таа идеја Турците биле претставени како опасност која треба да се елиминира по секоја цена, со асимилација или протерување и, истовремено, како резервоар од кој ќе се освежи биолошки папсаната бугарска нација со образложение дека бугарските Турци, всушност се Бугари на кои муслиманството им е натурено за време на Отоманската империја.
Целата операција завршува со економски, кадровски, политички и морален крах на Бугарија. Не со обнова на нејзините идентитетски и биолошки потенцијали, туку со катастрофа по сите основи. Никој со сигурност не може да каже колку таа драма придонесе за паѓање на режимот на Живков, но сигурно може да се каже дека падот на тој режим означи крај на најсрамната операција во Европа. Тој срам не го доби заслуженото внимание во светот затоа што во тоа време Русија беше зафатена со перестројката, Југославија со подготовката на кошмарот на распадот што ќе следи, Турција беше обземена со демократските и хунтистички смени, и, неверојатно мирна, ѝ ги отвори своите граници за прием на стотици илјади Турци од Крџали и околините (Големата екскурзија, замислете каков назив му беа туриле на овој геноцид во обид), Европа имаше некои свои проблеми, само Митеран, ми се чини, направи еден гест и ја откажа посетата на Софија и толку. Немаше Хашки трибунал. Против главните актери се покренати обвиненија во Бугарија, но повторно во еден циничен стил, не за да се осудат, туку за да се спасат и да се остават да умрат со природна смрт кретените кои ја смислија и операционализираа оваа страва без преседан. Нацијата реши да не ги дава своите нацисти дури и кога се комунисти.
Нејсе.
Не ги кажувам овие работи за да копам по отворените рани на Бугарија. Кои, всушност, не се отворени. Блокадата на Северна Македонија и образложенијата на таа блокада, суштинските причини на тој чекор, не театарот со кој високи функционери на државата сакаат својот одвратен цинизам да го наметнат над стварноста и да ја камуфлираат идејата за етноцидот, за атентатот врз една нација, држава и влада и тоа да го претстават како Голема екскурзија и Взродителен процес со кој Македонците ќе ги однесат во Европската унија откако ќе ги разбудат од комунистичкиот сон и од антибугарската дрога со која ги опијаниле Тито и Коминтерната, сето тоа покажува дека демократскиот систем или системот кој мисли дека е демократски, се обидува да го повтори „подвигот“ на своите сталинистички претходници со тоа што, под закрилата на Европската унија, денешна Бугарија тоа реши да го прави со Македонците. Со кои, во рамките на својата држава, тој процес веќе го заврши или им е пред завршување.
Како ќе заврши Взродителниот процес број два?!
Оваа бугарска франшиза за која Соломон Паси вели дека го хомогенизирала бугарското општество и дека е остварен општ консензус дека на Македонците мора да им се ебе мајката за да се преродат како Бугари, е работа за која и на најголемиот фантаст му фалат зборови за да ја опише таа грандиозна глупост, таа монструозна лудост, таа кретенистика во која потонува целата нација под притисок на своето заслепено, неразумно, одлепено, лудо, психосоциопатско водство.
Кое, внимавајте сега, се плаши дека нема да ги добие изборите ако не покаже колку многу е лудо.
Бугаристички лудо.
Развојот на настаните покажува, меѓутоа, дека Бугарија има проблеми не само со биологијата и структурата на нацијата, туку и со нормалноста на своето водство и на своето подводливо општество и дека, за решавање на проблемите кои произлегуваат од тоа, сите се спремни на тешки и крајно опасни неразумности.
Кои ќе завршат катастрофално за Бугарија, многу лошо за Македонија, опасно штетно за Европа.
Треба ли тоа посебно да се нагласува?
Борисов вели дека се надева дека следната година ќе се најде решение.
Се разбира, господине Борисов, откако ќе се максимизира штетата.
Живков можеби не го соборија Турците, јас не би сакал Македонците да го соборат Бојко. Уште помалку бугарскиот систем, кој и покрај сé, е демократски. Но, мислам дека ќе падне таа смртоносна, потврдено смртоносна идеја за Бугарија на Бугарите и на Бугарија која наоколу гледа само Бугари. Нацијата може да е во биолошки колапс, но тој колапс само ќе се радикализира ако се продолжи оваа, глупава, ултраглупава, вселенски глупава, агресија.
И само уште две работи: Целата приказна која дополнително се конструира околу одговорноста на Македонија (неспроведување на договорот, пругата, хахаха, говорот на омраза, прогонот на Бугарите, хахаха) е дополнително дискредитирање на веродостојноста на бугарската позиција и на Бугарија како држава, а за историјата, молам, мислам дека македонската страна мора да пројави поголем респект кон бугарските барања, макар што тие се самите по себе, надвор од грозомората на Взродителниот процес број два, бесмислени до болка. Чиј бил Самоил. Да ви ја ебат мајката и царот и неговите ќорави војници. И на Бугарите и на Македонците.
Сé било Бугарија.
Океј!?
Бугарија мора да работи на себе.
Бугарија мора да се ослободи од карактеристиката на најголемиот заеб на Европската унија и на нејзината политика за проширување. Да се ослободи од императивот на етницизмот. Од шовинизмот. Да се развива на сите полиња. Да ја јакне својата гравитациона сила. Да биде добра со соседите. Тоа е, драги браќа и сестри. Треба да собереме сила и да им помогнеме на соседите достоинствено да излезат од срањето во кое се закопаа.
Па под туш во Брисел, со Алпацин шампони и фротирки од Делчево за триење.