Од вкупно 120 пратеници, 119 биле присутни на најмалку еден социјален медиум во 2020 година. Носителите на извршната власт, претседателот и Владата биле во целост онлајн, додека бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми се зголемил за три, споредбено со 2019 година и изнесува 74 од вкупно 81. Двонасочната комуникација останува предизвик и за 2021 година, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).
Речиси секој пратеник или пратеничка во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува голем дигитален раст на овој пратенички состав, споредено со претходниот. Или во бројки: минатата 2020 година вкупно 119 од вкупно 120 пратеници биле онлајн, споредено со 2019 кога бројот изнесувал нешто повеќе 2/3 или 87 народни избраници.
Бројките се многу подобри споредено со 2019 година и тоа охрабрува. Но, во година на пандемија, кога здравствените прилики наметнаа многу ограничувања и промена на навиките за комуникација, за очекување беше да нема јавен функционер, а особено јавна институција без свое активно присуство на дигиталните платформи. Граѓаните имаат право доколку посакаат да можат да постават прашање, дадат предлог или критика на било која платформа, а тимовите за односи со јавност се должни во брз рок од неколку минути или часови да го дадат бараниот одговор. Токму затоа, двонасочната комуникација и онлајн интеракцијата останува голем предизвик за функционерите и институциите и во 2021 година, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми кој е дел од тимот кој за потребите на Институтот ја изработи анализата.
Втора година по ред, оваа Анализа го опфаќа онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, додека 16 биле активни на Фејсбук, шест на Твитер, а пет присутни на Инстаграм. Само Владата, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за здравство се истовремено присутни со веб платформа, како и со свои акаунти на Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Едно министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2019 година кога таква можност не обезбедувале дури пет министерства.
Кај претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2020 година, како и претходната, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
-Активноста на социјалните мрежи и респонсивноста преку официјалните веб страни не е замена за комуникацијата и отвореноста на функционерите и институциите со медиумите. Напротив, колку политичарите се поактивни и поизложени преку дигиталните платформи, толку повеќе информации и материјал се создава и става на располагање на медиумите. Особено е важно да се вложува во професионални тимови за односи со јавност во јавните институции, каде ќе се градат професионални капацитети кои ќе бидат првенствено насочени кон давање информации и услуги за сите граѓани, независно која политичка партија е во тој момент на власт, истакна Кордалов.







