Канабис туризмот понекогаш е маргинализиран од страна на туристичката индустрија, но корисниците на марихуана, особено туристите трошат милиони долари за рекреативно да пушат. Се поголемата популарност на марихуаната, пред се откако медицинската индустрија започна масовно да ја користи во производство на лекови, масти, креми…
Некои држави ја користат за развој на туризмот, а со тоа и како можност за полнење на државните каси. Онаму каде што канабисот е легален и се користи за привлекување туристи, целиот процес се покажа како добра одлука на некои влади. Тие веќе на големо заработуваат од канабис туризмот. На пример, откако Колорадо во 2016 година ја легализираше марихуаната бројот на туристи е нагло пораснат. Едно спроведено истражување на туристичкиот пазар потврдува дека 15 до 20 отсто од странските гости во Колорадо купуваат и користат марихуана.
Токму за развој на туризмот, а со тоа и на угостителството, тргнува идејата на премиерот Зоран Заев за легализација на марихуаната, како во медицински, така и во рекреативни цели. Од информациите кои тој ги пласира во јавноста намерата е да се произведува сув цвет кој би се извезувал надвор, а паралелно легално би се продавал дома, пред се за рекреативците и за туристите. Ако се погледнат примерите од државите кои веќе на големо го промовираат канабис туризмот, јасно станува дека тие ниту погрешиле, ниту пак имаат намера да запрат, овој туризам на сите им носи милијарди долари годишно.
КАНАДА НЕ МОЖЕ ДА ГИ ДОБРОИ ПАРИТЕ ОД КАНАБИС ТУРИЗМОТ
Странските медиуми пишуваат дека една од туристичките агенции, кои се занимаваат со канабис туризам е американската „Канабис турс“ од Денвер, која во своето шестгодишно постоење успеала да ги прошири услугите и во други големи центри, како Лос Анџелес, Лас Вегас, Бостон, Вашингтон и други. Нивниот пример го следат многу туристички агенции низ светот, особено во државите каде што е легализирана марихуаната. Тоа е неопходно затоа што мораат да се соочат со трендот на зголемување на популарноста и консумацијата на канабисот. Кога станува збор за Канада, тоа што таму се случи во изминатите две до три години никој не го очекуваше, стана главна канабис туристичка дестинација, може да се каже во целиот свет. Понудите во канабис туризмот се различни, а нови содржини се појавуваат речиси секојдневно. А како и нема, кога само во 2019 година туристите заедно со Канаѓаните потрошиле пет милијарди американски долари.
Една од причините за драстичниот пораст на паричните приливи во државната каса на Канада, туристичките работници ја наведуваат економската состојба на гостите, дека тие се добро ситуирани, подготвени да платат на вистинско уживање во природа надополнето со слободно користење различни видови марихуана. Статистиката покажува дека во Канада патуваат туристи од целиот свет, а голем дел од нив се подготвени да платат и за луксузните туристички тури кои чинат 9.000 долари, а во кои е вклучена планинарска тура со пејзажи, масажа со масла од канабис, вечера со зачини од марихуана, па се до канабис венчавка која се наплаќа дополнителни 3.000 долари.
Странските медиуми објавуваат дека канабис туристичките тури се поврзани и со бројни настани и манифестации во голем број канадски градови, па така странците имаат прилика да се забавуваат, да ја запознаат канадската култура и музика, но и да посетуваат едукативни часови за употребата на канабисот во медицински и рекреативни цели.
За оние кои имаат намера да посадат стебла во домашни услови, онаму каде што тоа е дозволено, се одржуваат предавања со совети за поквалитетен производ. Турите вклучуваат и посета на пиварници, ноќни клубови, историски знаменитости, се со цел на туристите да им се овозможи постојано запознавање со државата, но и да им се овозможи рекреативна употреба на марихуаната на различни локации во различен дел од денот. И сето ова одлично функционира во Канада, која, иако ја спроведе легализацијата пред неколку години, сепак за кратко време успеа да се наметне како лидер во светскиот канабис туризам. А сето тоа е можно со добар концепт за легализација, но и со солидна организација на туристичко- угостителскиот сектор, нешто кое би требало да се регулира и кај нас за да се оправда легализацијата на канабисот.
НЕ ПОСТОИ ДРУГ ВИД ТУРИЗАМ КОЈ ЗА ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ПОРАСНАЛ ЗА 135 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Во класичните хотели во Канада не е дозволено да се пуши марихуана, но затоа постои популарна платформа Bud and Breakfast преку која љубителите на канабис може да резервираат сместување во објекти во кои тоа се дозволува. Оваа платформа, но и сместувачките капацитети кои примаат канабис туристи ја почитуваат приватноста на гостите со оглед дека голем број од нив се од држави во кои марихуаната и натаму е забранета.
Bud and Breakfast е првата светска мрежа која на едно место ги има собрано сите хотели, хостели и приватни сместувања наменет за оние кои користат марихуана. Овој сервис има над 100 000 корисници преку кој туристите може да резервираат сместување на места каде што никој нема да им пречи дека пушат, уште помалку дека некој ќе ги приведе за тоа. На платформата има над 600 различни објекти во многу држави, од скромно до луксузно сместување.
Преку овој сервис туристите може да отпатуваат во Канада, Јамајка, Португалија, Уругвај, Филипини и други држави. Сите овие објекти се во сопственост на луѓе кои имаат позитивен однос кон марихуаната, па затоа во некои од нив дури и се продаваат по неколку видови канабис. Гостите имаат прилика да откријат локални видови кои се одгледуваат и во градините на сместувачките капацитети, да вкусат чај, како и храна со зачини од марихуана.
Непобитен факт е дека во државите во кои канабисот е легализиран туризмот бележи рапиден и постојан раст. Освен во Канада, во Шпанија и некои американски држави, исто така е забележано дека 15 до 20 отсто од туристите потрошиле пари за канабис. Според истражување на глобалниот канабис туризам во 2016 година е проценет на 10 милијарди долари, а само до 2025-та, се очекува канабис туризмот да вреди 145 милијарди долари, или речиси и да не постои друг вид на туризам што ја зголемил толку вредноста (за 135 милијарди долари) за само една деценија.
Покрај сувиот цвет за пушење, за туристите се примамливи и козметиката, маслата, храната и пијалаците со канабис. Нивната популарност е толку голема што не постои турист кој консумира марихуана да не потроши пари и на нешто друго од големата понуда.
КОЛОРАДО ИМА ПО СЕДУМ МИЛИОНИ ТУРИСТИ ГОДИШНО, ПРАГА НЕМА СЛОБОДНО МЕСТО ЗА ВРЕМЕ НА САЕМОТ ЗА КАНАБИС
Одамна е познато дека Амстердам во Холандија е една од главните туристички дестинации за канабис туристите. Нивните институции секоја година објавуваат податоци според кои градот има годишно најмалку два милиона туристи кои купуваат марихуана. Ако се направи пресметка дека секој од нив троши од 50 до 100 евра за марихуана, тогаш само од продажбата на сув цвет се прават до 200 милиони евра, но секој турист плаќа за сместување, храна, билети. за настани или музеи, и за сето она што подразбира туризмот. Тоа значи дека еден турист за само еден викенд троши од 500 до 1.000 евра, па амстердамскиот туризам брои милијарди долари годишен прилив од канабис туризмот.
Со легализацијата на марихуаната во Уругвај државата згаснала многу картели кои на црно продавале канабис, а последните години цената на „тревката“ е толку ниска што буквално секој може да си ја дозволи. Токму тоа го користат дел од туристичките работници во Уругвај во привлекувањето странски гости. И таму постојат локации на кои туристите може да се сместат, да купат и да пушат марихуана. Во некои од американските држави, на пример во Колорадо, туризмот пораснал за 50 до 60 отсто, а на локации низ Америка веќе стануваат познати собирите на жени кои преку викендите одат во природа да вежбаат јога, да имаат третмани со масла од канабис, да консумираатпијалаци и сокови со канабис… Во Колорадо годишно има и по седум милиони канабис туристи, па затоа државната каса секоја година се преплавува со пари, за суми за кои ниту на властите не им се верува дека се остваруваат.
Прага во Чешката Република исто така важи за центар на канабис туризмот од кој државата остварува голем профит. Голем број Чеси имаат приватни имоти во околината на Прага, па таму си одгледуваат по неколку стебла за лична употреба затоа што државата го дозволува тоа. Во Прага се организира познатиот саем на канабисот „Канафест“ кој го посетуваат милиони туристи, а во тој период цените на сместувањето, храната, цените во клубовите и слично се повисоки, па така државата им овозможува на туристичките и угостителските работници дополнително да заработат, а потоа и да платат поголем износ на данок. Иако цените им се за 70 отсто повисоки, во хотелите низ Прага за време на фестивалот тешко се стига до слободно место, а групните посети мора да се закажат однапред година до две.
Сите овие позитивни примери со канабис туризам може лесно да се пресликаат во Северна Македонија. Ние и сега секоја година броиме стотици илјади странски туристи, зошто да не бидат милиони? Државата располага со природни и културни богатства кои може да станат дел од туристичката понуда за овој вид туристи. Охрид, Струга, Маврово, Попова Шапка, Дојран, планински стари цркви и манастири, историски локалитети, и секако уште многу други локации може да станат атрактивни канабис дестинации кои ќе привлечат нови, добростоечки туристи, а сето тоа на крајот ќе има полза за туризмот, угостителството и за државата. Ако во релевантни прогнози се тврди дека од 2025 година канабис туристите ќе трошат 145 милијарди долари, тогаш зошто една милијарда не би ја потрошиле кај нас?
подготви: тимот на ФРОНТЛАЈН