„Опозицијата за жал покажа висок капацитет за опструкции и блокирање во овој период и тоа сепак е штета за државата и за самите нив, но јас верувам и секогаш ќе имам подадена рака за конструктивен дијалог од страна на парламентарното мнозинство и од страна на Владата.“, рече министерот за правда Бојан Маричиќ одговараќи на прашањето од Фронтлајн – дали и какви опструкции се очекуваат од опозицијата во овој процес на правосудни реформи, поучени од искуството што се имаше при донесувањето на Законот за Јавно обвинителство.
Маричиќ нагласи дека за сите тие законски проекти или пак мерки, кои ќе се носат во иднина, опозицијата ќе има подадена рака од Владата за дијалог, но додаде дека одговорноста на опозицијата е да биде на ниво на задачата.
„Во рамките на Mинистерството за правда формиравме работна група за изборниот законик каде што ќе се работи со претставници на сите опозициони партии. Исто така побарав предлог за работна група кој уште не сум го добил за Законот за кривична постапка, каде што експерт на којшто му верува опозицијата би можел да земе учество. За сите тие законски проекти или пак мерки, ќе има подадена рака за дијалог, затоа што тоа е наша должност. Меѓутоа одговорноста на опозицијата е да биде на ниво на задачата, да работи во интерес на граѓаните и да доаѓа со суштински предлози кои би ги разгледувале и за кои би наоѓале решенија за дво-третинските закони.“, истакна Маричиќ
Најлесно е да се опструира, најлесно е да се бојкотира, меѓутоа од тоа нема никој интерес, и во таков случај не оди во корист на граѓаните, потенцира министерот за правда Bojan Маричиќ во одговорот на прашањето од Фронтлајн.
Министерот за правда Бојан Маричиќ и амбасадорот и шеф на делегацијата н ЕУ во земјава Дејвид Гир одржаа онлајн презентација на проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“, а потоа одговараа и на новинарски прашања.
Ј. Ѓорѓиоски