открива: ЏАБИР ДЕРАЛА
„Денеска, 4 февруари, на денот на раѓањето на великанот и инспираторот на македонското национално револуционерно дело – Гоце Делчев, се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност“ – пишува, меѓу другото, Зоран Заев на својата Фејсбук страница. Неговата изјава е придружена со грижливо изработена илустрација, во веќе препознатлив и популарен стил, на која има фотографија од споменик од македонскиот револуционер, заедно со натписот: „149 години од раѓањето на Гоце Делчев“.
Мицкоски решил лично да му се „пушти“ на премиерот, со коментар на неговата Фејсбук страница:
„Бидејќи гледам дека премиерот реши да не ги брани македонските интереси, јас ќе одговорам дека ВМРО е Македонија, а Гоце Делчев е Македонец, и тоа еден од најсветлите во македонската историја.“
Чекај, кој што брани овде? Заев веќе го напиша тоа, па и повеќе:
„Како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност во политичките предизвици пред кои е исправена земјата од сите општествени чинители и граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Идеалите и заложбите на овој великан се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, која денеска е дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз НАТО и земја која чекори кон членство во ЕУ“ – гласи вториот дел од пораката на Заев.
За што, всушност, се работи?
Од партиските бели двори ни дојде таен абер дека Мицкоски се соочува со штрајк на партиските тролови, кои веќе подолго време вријат од гнев и разочараност. Не сакаат повеќе да работат за 150 евра месечно, а ваму некои „куртони“ (го користат речникот на д-р Латас) да се полнат со милиони, без никаков ефект. Затоа денеска, токму на денот на раѓањето на Гоце Делчев, троловите решиле да кренат штрајк и да побараат повисоки плати.
Додека да се реши проблемот со работната сила и платите, Мицкоски самиот преземал одговорност да држи смена во трол центарот на шестиот кат од партиското седиште.
Тоа е само една од причините зошто Мицкоски тргнал, така сам и голорак, да коментира кај Заев.
Впрочем, неговите опции се потрошени, сите бродови потонати, сите битки изгубени. Навистина нема што веќе да прави. А внимание му треба. Очајно! Па каде да побара внимание ако не таму каде што сите се сјатиле? Кај Заев, ами како…
„Нека сфати кој како сака, ама јас не можам да не се појавам на Фејсбук ѕидот на Заев, макар и непоканет, па нека ми се смеат сите колку сакаат…“ – си шепотел возбудено Мицкоски самиот себеси, не знаејќи дека во просторијата имало и штрајкбрехер, кој, откако го слушнал ова, веднаш си заминал и им се придружил на штрајкувачите кои, пак, својствено на Бмбровците, веќе се имаа поделено во неколку групи и се карале пред општинскиот комитет на СДСМ. Барем така вели нашиот доверлив извор кој додаде и дека едната група упаднала во ходникот на зградата на „непријателскиот“ комитет со извиците „Да живее Зоран Заев!“ по примерот на Димче Портпаролче.
Оваа сторија, заснована на инкриптираната комуникација со нашиот бмбровски извор, завршува по малку и смешно. На крајот од работното време, дошла хигиеничарката и му рекла на Мицкоски да ја напушти просторијата, оти треба да чисти. Тој ѝ рекол дека не може, имал нешто да заврши и продолжил, сиот возбуден, да ја следи комуникацијата на Фејсбук страницата на Заев, каде што и тој конечно се одважи да даде свој „историски“ придонес и колку толку, да добие трошка внимание.
Хигиеничарката, само го погледнала попреку, го кренала џогерот од кој се цедела вода и сапуница и го потчукнала по главата.
„Абе земи сработи нешто, не туку денгуби!“ – му подвикнала таа.
Мицкоски ѝ кажал дека работи, а таа строго му возвратиле дека цело време зјапа во Зоран Заев и дека тоа според неа не е работа. „Оние децана работат повеќе од тебе!“ – му рекла таа и заминала од трол центарот.
„Пих!“ – процедил низ заби Мицкоски и, кога конечно останал сам, се вратил на својата „работа“, да ја чита и препрочитува пораката на Заев и својата, наизменично. Ако некој поминува покрај седиштето на партијата на Груевски, ќе види едно запалено светло на шестиот кат… Таму е Мицкоски, смислува нов коментар.
ПС. Овој текст е козерија и нема намера да навреди, туку само да се пошегува. Авторот се извинува доколку повредил нечија суета.