пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ и РИБАРО
Содржината и пораката на овој текст се измешани: фактичко-сатирични. Молам читателите кои неретко читаат само наслови да бидат повнимателни и ако не им е јасно кој дел е сатира а кој не, нека се обратат до ЗНМ и СЕММ, или нека почекаат следен наслов, или последователно неколку наслови за да ја сфатат пораката. На другите читатели, нека им е со среќа. Најсреќни се тие што не знаат да читаат?!
Многу дискутабилно е барањето на СЕММ и ЗНМ за регулирањето на сатиричните содржини. Тие бараат од медиумот каде се претставува сатиричната содржина „најмалку!“ да се пријави дека се работи за сатира на почетокот од текстот.
Врз некој само за нив разбирлив основ (оти не е наведено кој за што згрешил) ЗНМ и СЕММ решаваат да реагираат со соопштение во кое бараат поголема одговорност од медиумите при објава на сатирични содржини.
„Иако станува збор за содржина од сатиричен карактер, медиумите кои во јавноста се препознаваат како професионални не треба да го занемарат фактот дека ваквите содржини лесно можат да бидат прифатени од пошироката јавност како вистинити, особено ако темите се во контекст на актуелни политички случувања.“, се вели во соопштението.
Од ЗНМ и СЕММ им укажуваат на медиумите доколку користат вакви објави кои имаат сатирична содржина најмалку, како што се наведува, што можат да направат уредниците е на многу јасен начин, на почетокот на текстот, да истакнат дека станува збор за измислена содржина.
Сатирата е специфичен израз, особено ако се работи за сатиричен текст.
Ако нè натерате да пишуваме на самиот почеток дека се работи за таков текст, тогаш целата поента и драж на сатиричната содржината се губи.
Јас не сум уредник, туку автор, но ако го натерате мојот уредник/чка да ми интервенира во сатиричната содржина на тој начин, не знам каков сатиричен текст ќе му/ѝ спремам за тоа. Шо знам како ќе реагира уредникот/чката на ова. Бибе, Џабир?
Она што го правиме ние во Фронтлајн, е на крајот од текстот со болдирани букви нагласуваме дека се работи за сатирична содржина.
Ова е и повеќе од доволно за читателот да биде правилно информиран, а и на раат да си ја прочита сатиричната содржина.
Од ЗНМ и СЕММ велат: „Медиумите треба да се свесни за можноста од дезинформирање на граѓаните, особено имајќи предвид дека читателот неретко се задржува на насловот и кратко поминува низ содржината на објавата.“ Жими сè ова не е сатира. Би сакал ова да го ценам како обид за сатира на тие од ЗНМ и СЕММ, но не е!
Што сакаат да порачаат со ова, да пишуваме само наслови, и кратки текстови, оти имаме неретко неписмена публиката? Ова не знам дали е сатира или не, но за секој случај уредникот нека се огради од оваа реченица на авторот.
Или дека публиката ни нема смисла за хумор.
Ајде осмелете се да одговорите на ова прашање, па да видите како ќе летаат тупаници од публиката која чита само наслови? Ова е сатира, уредникот на овој портал се оградува од оваа реченица на авторот.
Дискутабилно ми е како ЗНМ и СЕММ реагираат со соопштение и се обидуваат да регулираат пласирање на сатирични содржини, наместо конкретно да му укажат на медиумот во кој неправилно е пласирана таквата содржина. Сега тука нема да навлегувам во потребата од правилно информирање и опасноста од дезинформирање, но сатирата како израз не смее да биде изговор и опасно е да се злоупотреби моќта на сатирата како алатка за неспособноста за регулирање на другите сосема различни и реално дискутабилни информативни медиумски проблеми.
Впрочем, не е ли сатира што го есапат порталот на Геро за професионален?
ЗНМ и СЕММ во страв да не им се налути „професионалниот“ кики-фрики, му го пуштиле соопштението пред да го објават јавно. Ова е сатира, уредникот на овој портал се оградува од оваа реченица на авторот.
Како и да е, сакав да ви раскажам и за тепачката на ЗНМ и овие од СЕММ, ама изворот не ми раскажа јасно кој точно бил мотивот за тоа. Младен вадел пиштоли, Мери и Кате сакале да го затепаат со лепота, овој не се давал… Велат имало пиштоли и од другата страна, но дали биле за двобој или за руски рулет сè уште не е јасно. Уредникот се оградува од оваа содржина без разлика дали е сатира или не, ама е љубопитен за исходот.
Внимателно со регулирањето на сатирата драги мои, може текстовите вака да изгледаат, или не дај боже како оние во „професионалните“ медиуми.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.