Во Кривичниот суд во Скопје утрово пристигнаа обвинетите Зоран Милески – Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, на првото рочиште за случајот „Рекет“.
Во овој случај обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец.
Од домашен притвор на судењето беа донесени обвинетите Катица Јанева и Зоран Милевски – Кичеец, додека првообвинетиот Бојан Јовановски треба да биде донесен од КПУ Затвор-Скопје каде што издржува мерка притвор.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во рамки на случајот „Рекет“, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.
Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.