пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Како само уеспеваат да испоганат за сè што ќе се дофатат, тоа е неверојатна умешност, мора да им се признае.
Па истрчаа денес дечките од ВМРО-ДПМНЕ со изјави и со конструкции и велат – „Ги прочита и баба Перса. Македонската економија клекна на колена откако СДСМ дојде на власт“.
Македонската економија клекнала на колена… одекнува тоа како ехо во вмровските уши и се вергла и повторува од будимпештанските портали.
Во која димензија живеат овие луѓе? Кои се овие и како е можно да си дозволуваат таква комоција? Забораваат дека ние што сме тука способни сме барем рационално да рассудуваме, или навистина си дозволуваат до толку да не потценат. Ние и да сакаме не е можно да заборавиме каква елементарна непогода ни се случуваше изминатите 11 години од нивното владеење, па сега нели чекаме дечките од Белата палата да ни кажат дека за 2 и кусур години може да се решат сите проблеми (и комунални) кои тие толку ревносно се потрудија да ни ги остават.
Ова е разработена пракса на Центарот на комуникации од Белата палата. Така тие се обидуваат да се налепат и за еколошките проблеми, за загадувањето во Скопје и во другите градови, се обидоа без никаков срам да кренат глас и за дивоградбите и градежниот хаос во Охридскиот регион. Како можеме да заборавивме дека безмалку цела локална структура во Македонија до пред само две години беше комплетно под вмровска власт и тоа неколку мандати со ред?
Како да заборавивме на оние гротескни идеи за парапетчето околу Охридското Езеро, побогу?
Оваа наследничка вмровска гарнитура која во ниеден момент не смогна сили да се огради од безумното расипничко трошење на народните пари, на потрошените 700 милиони евра на стиропор и барок што го концентрира на неколку квадратни километри само во центарот на Скопје, што остави градежен хаос во сите градови, во арамиски проекти… тие такви имаат образ да зборуваат за економија и за пропаст?
Од друга страна, пак, си се чудам како е можно сè уште да ме изненадува ваквото вмровско поведение, си се чудам и не можам да се помирам со фактот дека тие од Белата палата се обидуваат да се направат како да се паднати од небо и како се обидуваат да ја искористат секоја мака и секој медиумски експлоатиран проблем, да се надоврзат на тоа и да го испревртат.
Овие остатоци онакви безобзирни и такви раскалашени си ги замислувам ненаситни испоседнати во тој цел расипнички раскош со тие дебели тепеси и мермери, испоседнати на кралски фотељи во Белата палата како врзуваат приказни и мотаат сценарија за да ја стават баба Перса во нивни контекст и безобзирно да се надоврзуваат на проблемите на поединечните случаи на граѓани.
Вие можете да се правите недоветни и паднати од небо драги мои колку сакате, но падобраните сте ги заборавиле, затоа повторно и повторно ќе треснете од земи на глава, исто онака како што ги трескате од земи и ги поганите маките на граѓаните.
Не ми изигрувајте ангели. Скријте се во ѓаволското дувло и не подавајте жива политичка глава, ако сакате колку толку да ви остане не набиена на јавен колец, тоа ќе ви е најпаметно.