Откако сведокот Орце Камчев заврши со сведочењето по прашања на обвинителката Вилма Русковска, обвинетиот Бојан Јовановски вкрстено го испрашуваше Камчев, пренесе Фокус.
Тој најпрвин побара Камчев да му се извини, бидејќи во сведочењето употребил низа квалификации кон него. Кога судијката го предупреди да поставува прашања, тој го праша Камчев кој ја иницирал првата средба меѓу нив?
-Ти, Бојан Јовановски и Зоран Милевски ја инициравте средбата, одговори Камчев, на што Боки 13 искоментира дека претходно сведокот посочил дека случајно се сретнале во ресторанот „Сушико“.
Дел од испрашувањето наликуваше на меѓусебен муабет, со дофрлање од двете страни, па Боки 13 на забелешката на Камчев дека на сите им е јасно дека не е реално да плати 200.000 евра за рекламирање на телевизија, која има рејтинг од 1%, а Јовановски рече дека тој како менаџер може да бара колку сака.
-Можам за реклами да барам колку сакам, како што вие наплаќате за операции колку што сакате, а тие се неуспешни, рече Јовановски.
Кога обвинителката Вилма Русковска се обиде да реагира за начинот на испрашување, Јовановски и дофрли од место, „Не се дери, потивко“.
Судијката во текот на рочиштето неколку пати ги предупреди присутните да се однесуваат пристојно, а во спротивно ќе ги отстрани од судницата.
На судењето за случајот „Рекет“ стана збор и за „Луј Витон “ торбата, која бизнисменот Орце Камчев му ја предава на Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, а во која наводно имало еден милион евра.
Јовановски го праша дали му била вратена торбата „Луј Витон“, на што бизнисменот рече дека нему не му била вратена, а Јовановски тврди дека на 21, 22 февруари, во 21 часот и 17 минути Зоарн Милевски му ја враќа торбата.
-Тоа може да се докаже од камерите во вашата куќа, рече Јовановски, по што остана нејасно дали торбата била вратена полна или празна.
Во моментот има пауза, по што Јовановски ќе продолжи да го испрашува Камчев.