Удрија по Денис и по здравствените работници.
И не е чудно де, што паднаа толку ниско, од безнадежници не може да се очекува нешто поинаку.
Вчера Мицкоски и неговиот потпретседател Николоски излегоа со реакции за видео снимката во која здравствениот работник Денис Јанкуловски и неговите колеги од првата борбена линија на фронтот против короната, танцуваат на релаксирачката песна од Дац и Александар во салата Борис Трајковски, каде се одвива вакцинацијата.
„Не можев да поверувам во она што го гледав вчера, на онаа песна која што ја компонирале. Па дури, и не можам на оние луѓе да им се изначудам на паметот“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дополнувајќи дека е трагично, декадентно и мизерно орото од спортскиот центар „Борис Трајковски“, на кое се гледаат медицинските работници како играат и се веселат на новата песна од Александар Митевски и Драган Спасов – Дац.
Мицкоски, драги мои не може да поверува дека здравствените работници кои повеќе од година и пол „изгинаа“ спасувајќи животи, имаат потреба во некој момент да земат оддишка, да приберат сила, да се релаксираат човече божји, за да можат да го поминат колку-толку нормално работниот ден.
Многу нормално е Мицкоски да не може да им се изначуди на Денис и медицинските работници, кога е заробен човек. Заробен човек во умот, на слободар човек во духот, тешко може да му верува, тоа е непишано прифатена аксиома.
Неговиот потпретседател, со истиот вокабулар, со истата недоветност, во истиот тон како неговиот претседател, но оди уште „похрабро“ – Александар Николоски бара изричити оставки.
Од кого човече бараш оставки? Од оние кои животот си го ставија во служба на сите нас? Од овие луѓе кои окапуваат на нозе по цел ден, вакцинираат и спасуваат човечки животи, а сепак кога одиш таму со насмевка те пречекуваат и ти го земаат стравот, од нив бараш оставка? Од Денис ли бараш оставка? Бараш од човекот кој е утринска искра ведрина, надеж и верба во животот за илјадници луѓе во овие никакви времиња каде светот се бори во бессознание со опакиот вирус? Од него ли бараш оставка ти неартикулирана хушкачка машино на лажни вести?!
Мора да му е многу тесно во сопствената кожа и да му се поматило нешто во главата на Николоски, па поистоветува луѓе херои – здравствени работници, со политички ликови и политики.
Реакциите на нормалната јавност пак, #ПоддршкаЗаДЕНИС, се илјадници постови и коментари во насока на поддршака на Денис:
„Поддршка за другарот Денис, човекот кој повеќе од 1 година помага на граѓаните заболени од Ковид 19, а кој денес беше нападнат од Мицкоски затоа што шири позитива во овие тешки времиња. Денис, ти си СУПЕР ХЕРОЈ!“, вели Мирче.
Соња, прашува: „Сите знаеме што направи Космонаутко за народот последниве година дена … кажи ни што направи ти?!“
Емотивните пораки за поддршка на Денис и неговите другари здравствени работници, продолжуваат да пристигнуваат на фејсбук-профилот од Денис и денеска.
Од друга страна, каде одиме со овие злокоби, што да им правиме? Како да ги заобиколиме а сепак нивната злоба да не остави трага од горчина, за да останеме неоштетени и неизвалкани од нивната јад?
Очигледно им е потребна помош на Николовски и на Мицкоски.
Кој да им помогне и како, тоа не знам, но факт е дека ова е крик на луѓе бесчувствителни, роботизирани и заслепени од омраза, очајници кои не можат да видат подалеку од нивната безочна борба за власт.
Сепак, драги мои, се работи за два сосема различни светови – оној од Денис и другарите, нашиот свет и оној нивниот – зачаурениот.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.