Конечно одземена концесијата…. Од името на заедничката иницијатива, еколошките организации и граѓаните изразуваме голема благодарност до Владата и премиерот Зоран Заев за раскинувањето на концесијата за рудникот Иловица-Штука. Им честитаме на граѓаните и активистите за нивната истрајност и пожртвуваност. Ова е круна на нашата заедничка повеќегодишна борба и претставува успешен пример, но и значаен симбол на граѓанскиот активизам и отпор во изворна смисла, пишува во реакцијата на еколошкото друштво „Здрава котлина“.
„Владата ги послуша граѓаните и нивните аргументи, ја препозна нивната автентичност, загриженост и револт во борбата за зачувување на животите и чистата животна средина. Законите на државата мора да се почитуваат, а делата да ги следат ветувањата. Во конкретниот случај зборот на премиерот Заев даден на граѓаните во југоисточна Македонија денес е исполнет. Сепак остануваат многу еколошки проблеми кои бараат посветеност и решавање кои се сумирани во барањата на здружените еколошки организации во Зелен Фронт. Од наша страна изразуваме задоволство зошто правдата е задоволена и апелираме до сите чинители да продолжиме да ги решаваме еколошките проблеми со позитивен пристап. Оставаме во аманет на следните генерации да ја чуваат здравата животна средина и никогаш да не дозволат рудници на смртта во југоисточна Македонија“, се вели во реакцијата.