Повеќе од 1,2 милијарди луѓе во светот живеат со хипертензија, двојно повеќе од пред 30 години, покажа студијата објавена на 25 август од медицинското списание Лансет.
Високиот крвен притисок секоја година директно се поврзува со повеќе од 8,5 милиони смртни случаи и претставува главен фактор на ризикот за мозочен удар, исхемична срцева болест, други васкуларни заболувања и бубрежни заболувања, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Намалувањето на крвниот притисок може за една четвртина да го намали бројот на срцеви удари и речиси да го преполови бројот на случаи на срцева слабост и мозочни удари.
Се смета дека болеста е „лесна“ за дијагностицирање и релативно лесна за лекување со ефтини лекови со цел да се спречат посериозни здравствени проблеми. Меѓутоа, се зголемува бројот на лица кои страдаат од хипертензија.
Покрај тоа, речиси половина од луѓето кои во 2019 година имале хипертензија не биле свесни за тоа. Половина од оние со дијагноза на хипертензија не примале терапија.
Во светот, крвниот притисок е под контрола кај помалку од една од четири жени и еден од пет мажи со хипертензија.
-И покрај медицинскиот и фармаколошкиот напредок во претходните децении, глобалниот напредок во управувањето со хипертензија беше бавен, и повеќето лица со хипертензија остануваат нелекувани, со големи недостатоци во средните и неразвиените земји, вели авторот на студијата Маџид Езати, од Империјалниот колеџ во Лондон.
Во Европа, стапката на хипертензија е висока во централните и источните земји како Унгарија, Полска и Хрватска. Истражувањето покажа дека во тие земји, како и во Литванија, Белорусија и Романија, повеќе од половината жени имаат висок крвен притисок.
Од друга страна, во земјите од Западна Европа, меѓу кои се Швајцарија, Велика Британија и Шпанија, процентот на население кое има хипертензија е на најниско забележано ниво. Овие земји, исто така, имаат најниска стапка на хипертензија кај жените, помала од 24 отсто.
-Глобалната распространетост и стапка на контрола на болестите од приближно 20 отсто треба да бидат предупредување дека уште многу години ќе се бориме со кардиоваскуларните болести, особено ако продолжиме вака, вели Клара Чао од Универзитетот во Сиднеј.
Таа додава дека под итно се потребни трансформации и иновативни пристапи за намалување на последиците од хипертензија и подобри стратегии за зголемување на дијагнозите. /МИА/