На ЈуТуб денеска се појави аудио снимка на која, наводно, се слуша како луѓе коишто се на советничката листа од иницијативата „За наше Куманово“ на Максим Димитриевски се обидуваат да купат гласови во Куманово. На снимката, наводно, се слуша Мирољуб Пауновиќ, кандидат за советник, како се договара со непознато лице да му обезбеди 50 до 100 гласа. Лицето му кажува дека треба да се плати по 500 денари од човек, плус нешто за него. Фронтлајн.мк го контактираше Димитриевски кој рече дека се работи за местенка и дека случајот е пријавен во МВР.
„Ова е наместена работа. Лицето се обиде да изнуди пари од кандидат, што беше потврдено и во самата снимка. Лицето е одбиено, бидејќи не се служиме со такви работи, тоа е купување на гласови, што е неприфатливо и законски и етички! За тоа дека го одбивме обидот за изнудување пари за поткуп, постојат писмени докази. Случајот е пријавен и во МВР. На потег се истражните органи, рече независниот кандидат за градоначалник на Куманово, во изјава за Фронтлајн.мк.
На прашањето од каде доаѓа оваа снимка, Димитриевски одговори: Токму лицата кои вршат континуиран притисок кон електоратот, се служат и со злоупотреби и го монтираат овој случај во кој сакаат жртвата да ја прикажат како злосторник. Граѓанскиот концепт за наше Куманово е предмет на континуиран притисок. Тоа е пријавено и во ОБСЕ/ОДИХР“, рече Димитриевски.
На снимката се слуша : „Максо ли ти го даде мојот бројот? Јас се видов завчера со Максим и му кажав дека треба да се видам со тебе. A, сега кажи ми ти Мики, каков е планот? Јас навистина сакам да гласам за Максим, и не само јас, од 50 до 100 гласа имам одма“, вели првиот човек.
Потоа, лицето за кое се претпоставува дека е Пауновиќ, директор во училиште и кандидат за советник, кажува дека дека ќе разговара со Максим и дека ќе го извести лицето за тоа дали ќе направат договор, а лицето му кажува да не му споменува кој ќе ги наоѓа гласовите, туку да му каже дека има човек кој бара по 1.000 денари од глас и дека ќе обезбеди сто гласови.
И. Т. З.