„Ќе започнеме да ги решаваме проблемите со паркирањето во сите делови на општина Карпош – Карпош 1 и 2 – кај Драмски театар, Карпош 3 и 4, кај Млечен, Влае… Спроведувањето на проектот за воведување на зонско паркирање во овие делови ќе ги подобри условите за паркирање на жителите, кои бесплатно ќе ги користат паркинзите“,соопшти кандидатот за градоначалник на Карпош, Душко Вескоски.
Посетителите на деловните субјекти за симболична цена, додава тој, комфорно и безгрижно ќе можат да го поминат времето на одредената локација.
Истовремено ќе се создаваат зелени површини со современо хортикултурно уредување и урбана опрема, што ќе придонесе за сеопфатната цел на неговата политика за зголемување на зеленилото во Карпош.
Средствата кои ќе се влеат во општинскиот буџет, ќе бидат искористени за финансирање на проекти за изградба на нови детски игралишта.
„Целта е да овозможиме што почиста и поздрава околина за живот на нашите сограѓани, вклучувајќи ги и најмалите жители. Карпош може, Карпош мора да оди напред преку реализација на граѓанскиот концепт, на проевропскиот концепт со нови лица, нова енергија и нови политики“, истакна Вескоски.