Дедо Мраз е еден од најомилените ликови на децата бидејќи секоја година за време на Божиќните празници им ги носи посакуваните подароци и им ги исполнува желбите на „умните“ деца.
Легендата за Дедо Мраз започнува уште во далечната 280 година од нашата ера, кога се смета дека се родил Свети Никола, монах кој зрачел со својата добрина и несебичност. Потекнува од градот Мира, во Турција. Многу легенди сведочат за чудотворната моќ на монахот кој целиот свој живот го посветил на несебичното помагање на болните и сиромашните, а се сметал и за заштитник на децата и морнарите.
Тој во текот на ноќта им оставал пари и храна во нивните чевли, па затоа денес се практикува децата да ги оставаат своите чевли или чорапи покрај вратата и изутрина очекуваат подароци. Според друга легенда, Свети Никола на еден сиромашен човек му фрлил цела вреќа богатство, а тој златото го криел во своите чизми, кои се сушеле покрај печката.
Долги години подоцна Холанѓаните почнале да го нарекуваат Sinter Klaas, кратенка од холандското име за Свети Никола ( Sint Nikolaas). Од холандското име Sinter Klaas произлегло името Santa Clause, име кое и ден денес се користи ширум светот.
Легендата живее и носи радост секоја година, одново и одново. Но, за жал овој човек со долга бела брада и црвено-бел костим не постои, а родителите се тие кои ги читаат писмата на децата напишани за Дедо Мраз и потоа ги купуваат посаканите подароци. На сите ни е интересна целата приказна, како Дедо Мраз со својата санка која ја влечат ирваси доаѓа од Лапонија и вечерта пред Божиќ точно на полноќ влегува преку оџакот и под новогодишната елка остава подароци. Но, дали некогаш сте ја прочитале легендата за тоа како тој настанал?
Современото сфаќање за Дедо Мраз е развиено во втората половина на 19. век, кога старецот со бела брада и црвен плашт бил замислен од славниот американски карикатурист Томас Наст. Американците ги обожавале овие илустрации и се сметало дека цртежите на Наст го поттикнуваат воениот морал и патриотизам. Ликот на Дедо Мраз за првпат бил објавен на 3 јануари 1863 година, за време на американската граѓанска војна. Подоцна, Томас Наст направил повеќе илустрации за Дедо Мраз и тие почнале да стануваат дел од општата култура. Потоа, компанијата на Кока-Кола во 1931 година врз основа на илустрациите на Наст, лансирала глобална маркетиншка компанија, која го промовирала ликот на Дедо Мраз во човечка големина и до ден денес рекламите на Кока-Кола се најубавите новогодишни и Божиќни реклами во светот. Со тоа Дедо Мраз стана глобален феномен.
Името на Дедо Мраз секаде е различно, но за сите тој е крупен, постар човек облечен во црвено-бел костим со долга бела брада и кожни чизми.
Дедо Мраз е симбол за добрина, искреност и несебичност. Без разлика дали верувате во него или не, секогаш ви мами насмевка и ве потсетува на детството и магијата на новогодишните празници.
Посакајте желба, верувајте во Дедо Мраз и навратете се во детството. Којзнае, ако навистина верувате, можеби ќе ги слушнете ѕвончињата на ирвасите и ќе почувствувате дека санката на Дедо Мраз прелетуваа над вашиот дом.