Во сторијата се додава дека две од тие парцели биле продадени на ЕВН Електрани по 800 денари за метар квадратен, иако само три недели претходно биле купени за само 15 – 20 денари за метар квадратен.
Дополнително, како што се наведува во репортажата, сомнително е што двајцата продавачи Дарко Т. и Влатко И. стануваат сопственици на земјиштето само три недели пред да и го продадат земјиштето на ЕВН Електрани.
Купопродажните договори, пак ЕВН Електрани со овие лица ги склучил на 21.09.2021 година, односно неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори. И двајцата продавачи на земјиштето, според 360 степени, биле на некој начин поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Дарко Т., бил советник во Општина Делчево од 2013-2017 година од ВМРО-ДПМНЕ, а Влатко И. бил член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, како управители на договорите во име на ЕВН Електрани, се потпишани извесен Мирослав Митровски од Скопје и Игор Гиевски, кој е поранешен советник во Советот на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.