пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Христијан Мицкоски денеска појде со предлог за министер за внатрешни работи кој е активен висок офицер во македонската армија – полковник Драган Ковачки. На Ахмети, толку знае, предлогот му бил прифатлив. Но!
Со овој предлог се прави обид да се омаловажи Уставот на Република Северна Македонија и повеќе други законски регулативи. Член 97 од Уставот, Закон за внатрешни работи и Закон за служба во армијата пропишуваат дека министер за внатрешни работи може да биде некој што во претходните најмалку три години бил цивилно лице.
Првото прашање што веднаш се наметнува е: Дали е можно правничко-професорскиот тим околу Мицкоски да нема поим од тоа што е Устав, па не рекле ништо за ова кадровско решение? Понатаму, се редат и други прашања.
Дали ВМРО-ДПМНЕ има проблем со кадри? Добро, тоа прашање е повеќе реторичко, одговорот го знаат сите.
Ни оддалеку не е за занемарување и прашањето за самиот полковник Ковачки во поглед на неговата активна професионална определба. Впрочем, потребно е сега да дознаеме и на која партиска функција е Ковачки. Тоа го повлекува и прашањето дали, според законите, во случај тој да е носител на партиска функција во ВМРО-ДПМНЕ, може да биде истовремено и висок армиски офицер?
Тоа што сега јавноста очекува е релевантните институции да поведат постапка за овој најнов скандал што го предизвика ВМРО-ДПМНЕ веќе во првиот обид да се промовираат нивните кадри во техничката влада.
Не се нереални ниту претпоставките дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ сака да го пробие законскиот рок за формирање техничка влада, а со тоа и да ги одложи изборите. За тоа, секако, повторно ќе му биде виновен Зоран Заев.
Секако, тука е и можноста Мицкоски, као лаик во правото, а во последно време и слаб математичар, да не се консултирал со професорските „лампиони“ околу него (Силјановска-Давкова, Климовски, Каракамишева и други). Подобро да е така, бидејќи вакво непознавање е навистина голем скандал за академската фела собрана околу националистичката опозиција.