Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден како резултат на големата акција со претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово извести за 10 приведени лица, меѓу кои и тројца полициски службеници и петмина царински службеници поради сомнение за криумчарење и неовластена трговија со прекурсори.
„Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај едниот од нив, односно десеттиот од приведените бил пронајден и одземен кокаин“, известуваат од МВР.
„Истрагата за оваа акција Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи ја реализираше во подолг временски период од околу 9 месеци по насока на Јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење на овластени службени лица во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на која беа опфатени полициски службеници за кои постоеја основи на сомнение дека се занимаваат со недозволена трговија на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори на подрачјето на Куманово, но и околу евентуална инволвираност во овие кривични дела на лица на територијата на целата држава. Притоа, во текот на истрагата беа потврдени сомненијата дека лицата се инволвирани во набавка и продажба на наркотична дрога, пред сè кокаин, но и марихуана, на лица, заинтересирани купувачи на територијата на Куманово но и на територијата на Скопје, а претресите во текот на завчерашниот ден беа уште еден начин за прибирање на материјални докази“, објави министерот Спасовски.
„Она што во моментов можеме да го кажеме е дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и обезбедување на дополнителни докази за расчистување на кривичното дело и обезбедување на дополнителни докази за инвлвираност на други лица во истрагата. Ова се накусо моментите кои можеме да ги споделиме, затоа што, како што реков, истрагата продолжува и понатаму. Во куси црти се обидовме да ви покажеме што МВР во координација со обвинителството успеа да обезбеди како материјални докази, со цел да ја докажеме инволвираноста на овластени службени лица во овој меѓународен канал на криумчарење на наркотична дрога и прекурсори. Можеби дел од вас ќе се запрашаат зошто ги објаснив, макар во куси црти, најважните моменти од овој успешно пресечен меѓународен канал. Затоа што, прес-конференциите и шпекулациите од страна на една политичка партија, за дневно политички поени, имаше за цел да ја уништи истрагата. МВР работи врз основа на материјални докази. Тоа е цел и на обвинителството. Основата неможат и не смеат да бидат рекла-казала муабети, истрагата не се темели врз шпекулации. Со тоа само се станува соучесник во криминалот“, изјави Спасовски на денешната прес-конференција.
„Досега во повеќе наврати сум споменал дека изнесувањето на елементи од истрагата кои, главно се базираат на шпекулации, а не на докази, само наштетуваат на самата истражна постапка. МВР по којзнае кој пат во последниов период покажа дека има и капацитети, и професионалци за успешно да се бори со криминалот. Притоа има нулта толерација за корупцијата! Паралелни истраги од страна на аматери не само што не се потребни, туку и штетат и им помагаат на криминалците да се извлечат. Toa се класични обиди за саботажа! Затоа и велам, тоа ги прави соучесници во делото. За таа цел МВР во претходниот период, во врска со оваа голема операција, во неколку наврати испрати известување до ОЈО за овие активности и очекувам да се бара одговорност за ваквите постапки“, истакна министерот Спасовски.
М. Ацковска