Премиерот Зоран Заев објави дека со голема тага ја примил веста за смртта на претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли.
Заев нагласува дека Сасоли беше голем пријател на Северна Македонија и на нејзиниот народ и се залагаше ЕУ веднаш да ги исполни ветувањата за почеток на преговори со нашата земја.
„Со голема тага ја примив веста за смртта на Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли.
Како голем поддржувач на европската идеја, нè поврза силното пријателство во споделување на највисоките европски вредности.
Беше голем пријател на Северна Македонија и на нејзиниот народ и се залагаше ЕУ веднаш да ги исполни ветувањата за почеток на преговори со нашата земја.
Нека почива во мир.“, наведува во објавата Заев.
Давид Сасоли почина на 65 годишна возраст рано утрово во болница во италијанскиот град Авиано.
Причината за неговата смрт не е официјално објавена. Сепак, Сасоли бил хоспитализиран со тешка пневмонија за време на пленарната сесија на ЕП во септември и се вратил во Италија на лекување.
Тој бил повторно хоспитализиран на 26 декември бидејќи неговиот имунолошки систем паднал.