пишува: ДМИТРО КУЛЕБА
Министер за надворешни работи на Украина
Минатата недела на дипломатијата ја докажа силата и единството на Европа наспроти руските ултиматуми. Кремљ не го доби тоа кон што се стремеше. Ова не е изненадувачки, имајќи ја предвид нелегитимната и запрепастувачка природа на руските барања. Сега прашањето е што ќе биде понатаму. Убеден сум дека единствениот начин Русија да докаже дека таа навистина не планира нов напад врз Украина е таа да ја продолжи дискусијата во постојните формати.
Активностите на Русија ќе бидат тест за француската стратегија за „барачки дијалог“. Москва никогаш немала ниедна веродостојна причина да распореди повеќе од 100.000 војници околу Украина додека истовремено ја поттикнува воената реторика. Украина не планирала и не планира никаква офанзивна воена операција во Донбас. Напротив, заедно со Франција и Германија како посредници, цела 2021 година ја поминавме во потрага по политички и дипломатски решенија врз основа на договорите од Минск.
Новата фаза на притисок од страна на Владимир Путин е насочена не само против Украина, над која тој сака да ја врати контролата, вклучувајќи со барање на вето во врска со нашиот евроатлантски курс. Претседателот на Русија, пред сè, се стреми да го понижи Западот и да ја воспостави својата сфера на влијание во Европа, дејствувајќи зад грбот на Европејците, вклучително и на Французите.
Сегашната безбедносна криза беше многу добро испланирана и предвидена од Владимир Путин. Невидената акумулација на војници во близина на границата со Украина во пролетта 2021 година, завршувањето на гасоводот „Северен тек 2“, објавувањето на навредливото и лажно дело за Украинците и Русите како „еден народ“, вештачкото влошување на енергетската криза во Европа, употребата на мигрантите како оружје на границите на Белорусија со ЕУ, политичката интервенција на Балканот и за крај новото распоредување на војниците на границата со Украина кон крајот на 2021 година. Овие акции се исто така придружени и со операции за дезинформации и сајбер напади.
Сите овие не се изолирани настани, туку елементи на пошироката стратегија на Русија насочена кон намалување на улогата на Европа, поткопување на нејзината безбедност, стабилност и мир. Спротивставувањето на ова заплашување бара силно лидерство. Франција може да преземе таква улога за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ.
Добро знам дека дел од француската интелектуална елита сè уште има посебна наклонетост кон Русија. Некои се фасцинирани од руската култура, од Толстој до „Бољшој“. Други скептично се однесуваат кон САД и ги сметаат односите со Русија како алтернатива. Трети предлагаат геополитичка игра: поблиска соработка со Русија за наводно да се спречи приближувањето на Русија со Кина. Не сакам никого да разочарам, но денешна Русија има малку заедничко со рускиот балет или литература, а во близина на украинската граница ние денес не гледаме ни балерини, ни поети. Русија не игра ни значајна улога во конфронтацијата меѓу САД и Кина.
Доколку европската дипломатија не успее да спречи нов руски напад врз Украина, ќе биде нарушен целиот безбедносен поредок на континентот. Зошто? Затоа што апетитот на Русија во Европа само ќе расте. Време е да се напуштат геополитичките химери, како и романтизираните идеи за Русија, во дијалогот во кој се поставуваат барања навистина да се одржи како таков, со барања, и да се зајакне политиката на вистинско одвраќање. Впрочем, не се работи само за гаснење на актуелните тензии преку дипломатски средства, туку и за зајакнување на безбедноста на Европа на долг рок.
Владимир Путин е опортунист. Убеден сум дека свртувањето на Франција кон поостра политика кон Москва може суштински да ги промени калкулациите на Кремљ. Во ова клучно време, Европа мора цврсто да стои на сопствените принципи. Денес, повеќе од кога било, безбедноста на Украина е безбедност на Европа.
Украина високо ги цени неуморните напори на францускиот Претседател Емануел Макрон кои се стремат кон тоа да се врати Владимир Путин на нормандската преговарачка маса. Секоја дискусија за зајакнување на европската безбедност мора да започне со дискусија за решавање на меѓународниот вооружен конфликт во Донбас и деокупацијата на Крим. Денес, кога руското оружје е насочено кон Украина и Европа, важно е да ги удвоиме нашите дипломатски напори и да носиме силни и принципиелни одлуки.