САД имаат разузнавачки информации кои укажуваат дека се испратени наредби до руските команданти да продолжат со подготовки за напад врз Украина, според двајца американски официјални претставници и уште еден извор, близок до американското разузнавање, објави Си-Ен-Ен.
Разузнавањето поврзано со наредбата до тактичките команданти и разузнавачките оперативци е еден од неколкуте показатели што САД ги следат за да направат проценка на руските подготовки. Заклучокот е дека подготовките влегле во последната фаза за потенцијална инвазија.
Други показатели, како што се електронското попречување и широко распространети сајбер напади, сè уште не се целосно опсервирани, според некои од изворите. Изворите предупредија дека наредбите секогаш може да се повлечат или дека тоа би можело да биде дезинформација наменета да ги збуни и заведе САД и сојузниците.