Активистката за заштита на правата на Ромите, Несиме Салиоска, со години води борба против склучувањето малолетнички бракови во С. Македонија. Во 2018. година стигна и успехот – бракови на лица под 18 години се законски забранети. Во фокусот на Салиоска посебно е подобрување на положбата на женските деца кај Ромите.
Како и во мнозинството балкански земји, детски бракови во С. Македонија се раширени најмногу во ромската заедница. Сепак, тоа не е чисто „ромски проблем“, вели Салиоска, туку на целото општество. Според податоци на УНИЦЕФ, 7% од сите девојчиња се мажат на возраст под 18 години.
„Девојчињата мажени во детска возраст во животот имаат често значително ограничени перспективи,“ потенцира Салиоска.
Од 2007. година Несиме Салиоска со нејзината НВО „Рома СОС- Прилеп“ работи на пробивање на затворениот круг од сиромаштија, социјална изолација и дискриминирање. За тоа од ЕУ во 2019 година ја доби наградата за интеграција на Ромите. За неа признанието кое таа го доби е порака до сите девојчиња и жени, да се борат за своите права:
„Патот до успехот не е лесен, но се исплаќа кога на крајот ќе видиш колку е горда околината со промените кои си ги предизвикал, било во семејството или во општеството, затоа не треба да се има страв од тргнување по тешкиот пат, зашто тоа е исплатлива инвестиција за жените која води во нивна независност до крајот на животот.“
Несиме Салиоска има веќе многу постигнато, но и многу цели пред себе. Јакнењето на девојчињата и жените не треба никого да плаши, вели таа. На крајот, од тоа профитира цалата заедница.
извор: DW