Златко Ориѓански директор на Културно-информативен центар на Северна Македонија во Тирана. Од неговото отворање до денес, Центарот што го води Ориѓански е вистински општествено-културен мост за поврзување на двете балкански држави кои, иако соседни, имаат малку меѓусебни врски. Од самото формирање во јуни 2021 година, Ориѓански вложува напори тоа да биде, како што вели и самиот, „живо место“, каде што взаемно ќе се запознаваат двете култури. Македонскиот културно-информативен центар во Тирана и нејзиниот прв човек, Златко Ориѓански, ги уриваат бариерите и предрасудите и ги искачуваат пријателските односи меѓу двете земји на едно повисоко, европско ниво.
Златко Ориѓански е големо име на македонската култура и уметност. Тој е македонски композитор, за пошироката публика познат како автор и во меѓународно познатите музички состави како Лола В. Штајн и Анастасија. Учествува како композитор и во бројни филмски остварувања на Милчо Манчевски, Игор Ивановски Изи и Слободан Унковски. Работел и на бројни музички проекти со познати имиња од македонската естрада. Како музички уметник настапува низ регионот и низ цела Европа, во Данска, Велика Британија, Шведска, Грција, Турција, Полска, Шпанија, Португалија, Белгија, Германија, Швајцарија, Италија и други.
Имавме ретка можност да поразговараме со Ориѓански на теми поврзани со неговата работа како своевиден амбасадор на културата, соработката и зближувањето на двете држави. Успехот на актуелните процеси поврзани со регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ чии темели ги удрија премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ е возможен само со креативни и конкретни заложби како овие на македонскиот уметник Златко Ориѓански.
ФРОНТЛАЈН: Како сте задоволни од соработката помеѓу културните ресори на двете држави, дали сметате дека постои можност за потемелна соработка?
ОРИЃАНСКИ: Односите меѓу нашите две пријателски земји се комплексни во секоја смисла. Имајте предвид дека долго време, нашите релации беа некако замрзнати и оптоварени со предрасуди, наследени од југословенско-албанските времиња. Денес имаме нов момент. Двете земји чекорат по заеднички пат, двете земји се членки на НАТО и чекаат пред вратите на Европа. Ние мора да се запознаеме и да си помогнеме. Овој процес бара време и работа. Полека, но сигурно, започнавме вистински да соработуваме. Еден дел од вашето прашање, мислам дека повеќе се однесува на нашето Министерство за култура. Мојата задача овде е дипломатска. Всушност, градам културолошки мост и резултатите од тоа, допрва ќе се осветлат и видат.
Кога пристигнав овде на 5-ти јануари врнеше дожд, живеев привремено во хотел, немав стан и центарот постоеше само на хартија. Тргнавме од нула. На 29-ти април 2021, центарот беше ставен во функција, на 10-ти јуни имавме свеченото отворање. За жал, ниту еден наш медиум не беше присутен да го пренесе и овековечи овој историски настан.
Триесет години, нашата земја се обидувала да отвори таков македонски културно-информативен центар. Ете, мене ми се падна таа чест, благодарение на упорноста и далековидоста на нашиот поранешен премиер, Зоран Заев и албанскиот премиер, Еди Рама.
ФРОНТЛАЈН: Што, според Вашето мислење, може да донесе проектот „Отворен Балкан“ за развој и размена на културите на двата народа?
ОРИЃАНСКИ: Секое отворање едни спрема други носи добро за луѓето во секоја смисла, вклучително и во културна. На тој начин се запознаваме, гледаме дека ние, сами по себе, ја содржиме Европа и нејзините вредности, патем, даваме и една боја која е непозната и нова. Пред десет години, беше незамисливо дека дел од балканските граници ќе ги поминуваме со лични карти или дека ќе имаме заедничко гранично управување.
Албанија е неверојатно интересна, жива земја со прекрасни и медитерански питоми луѓе. Овде нема предрасуди во однос на етничката или религиската припадност. Чувствувам голема добронамерност од сите страни, секоја нивна институција е отворена за соработка, отворена да ми помогне. Градоначалникот на Тирана, господинот Ерион Велиај и министерката за култура, Елва Маргарити, припаѓаат на една нова и модерна генерација албански политичари, кај нив секогаш вратите ми се отворени.
Луѓето овде просто се желни да се направи нешто добро и убаво, има во нив голем оптимизам. Она што ќе договориме, веднаш тргнуваат со активности тоа и да се реализира. Не знам дали сте забележале дека во нашата земја, речиси нема нивни производи, иако имаат фантастично масло од маслинки. Или прекрасни сирења, риби, убав зеленчук и овошје.
Верувам дека отворањето на земјите ќе овозможи побрзо пренесување на производите, запознавање на менталитетот, вкусовите, музиката, сликарството, театрите, литературата, спортот. Балканските земји набрзо ќе се соочат со недостиг на работници, ние ќе мора да се поврземе едни со други, за да опстанеме.
ФРОНТЛАЈН: Како функционира Културно-информативниот центар во Тирана и дали сте задоволни од посетата на настаните кои ги организирате?
ОРИЃАНСКИ: Мојата намера, уште пред да дојдам, беше да го променам тој старомоден социјалистички начин на работа и размислување. Најпрво, нашиот центар внатре изгледа некако поинаку од класична канцеларија. Многу ми беше важно, центарот да стане живо место, простор за кој ќе знаат тиранчаните. Чекор по чекор, тоа се остварува и на секој настан има сѐ повеќе и повеќе публика.
Запознав безброј луѓе, писатели, видни композитори, сликари, политичари, фудбалери, амбасадори, дипломати од многу земји. Со еден дел од нив дури остваруваме и домашни, семејни контакти. На тој начин, овој град го запознав од една друга страна, внатре. Некако, местото стана, „свето место“, мнозина луѓе и од Македонија, кога доаѓаат во Тирана, редовно поминуваат да видат, да се уверат дека тоа навистина постои.
Овие неколку следни месеци, овде ќе направам концерт на Влатко Стефановски во Тирана, кој никогаш не настапил во Албанија, потоа, концерт на гитаристот Мухамед Ибраими во Корча, изложба за Зоран Кардула, промоција на книга од Јордан Плевнеш која е преведена на албански… Овде ќе стасаат и 20 монаси од манастирот Бигорски. Со нив ќе го покажеме нашиот начин на византиски, црковно словенски пеења.
Паралелно, на секој настан, планирам да промовирам и одреден македонски производ. Пред еден месец, имав вечер посветена на ајварот, заедно со сликарска изложба на Абдураим Сулимани и група музичари што свиреа чалгиска музика. Секој посетител, доби како подарок „Мамас“ ајвар. Беше преполно со луѓе и многу возбудливо.
ФРОНТЛАЈН: Мислите ли дека недостасуваат фестивали и големи културни соработки меѓу двете држави и дали имате некои планови во иднина?
ОРИЃАНСКИ: Не, мислам дека овој модел за кој ме прашувате е застарен и остаток од социјализмот. Нема големи и мали соработки, секое камче што ќе го ставиме внатре, има голема улога. Моја намера, во секој случај, е да правам поголеми настани и паралелно, во некоја втора фаза да претставиме наши млади и нови имиња во сите области. Мене ми се чини бесмислено, да правиме поетско читање за тројца луѓе.
Секој настан треба да биде добро осмислен и да предизвика внимание, затоа што Тирана секојдневно има безброј настани од културата и треба многу работа, за да те забележат. Подоцна ќе работиме и по другите градови низ Албанија. Овде има преубави места, како Берат, Влора, Саранда, Шкодра, Дурес. Ќе има едно големо изненадување во овој правец, но не би сакал сега да го откријам додека не биде сѐ до крај договорено.
Она што би сакал да истакнам е дека двете Министерства за култура, имаат многу позитивен став кон мојата досегашна работа. Истовремено, повеќе бизнисмени и фирми помогнаа овој период, да направам нешта со средства надвор од државниот буџет определен за оваа работа.
Ланската година, успеав да внесам приходи однадвор, еднакви на оние средства што ги имав на располагање како државен буџет. Благодарен сум, некој ќе намести светло, некој ќе ми донира ајвар, друг ќе отпечати маички и цедеа. Важно, има луѓе што сакаат да помогнат.
CC BY 4.0
Овој текст е достапен за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0. (слободно и целосно преземање со наведување линк до изворот)