Доколку се обидете да закажете термин за обнова на некој документ кој истекува, нема да можете на ниеден начин, затоа што телефонските броеви на кои се закажува термин се пребукирани со повици, а онлајн апликацијата нуди термини дури по 10 февруари.
Повеќе од една недела граѓаните не можат да закажат термин за обнова на своите документи. Телефонските броеви 0800 192 92 и 072 92 92 92 се надвор од употреба. Доколку се обидете и на порталот на МВР https://termin.mvr.gov.mk/Reservation нема да можете да резервирате термин.
„Се обидувам повеќе од една недела да закажам за обнова на личната карта, но ниеден начин не функионира. Броевите се исклучени, а онлајн нема слободни термини”, вели еден граѓанин на кого му е истечена личната карта, пишува порталот Денар.мк
Од МВР пак, за Фронтлајн велат дека телефонските броеви на кои се закажува термин за менување истечени документи се пребукирани, поради многубројни повици, а онлајн апликацијата нуди термини по 10 февруари, затоа што сите термини до тогаш се зафатени.
– Граѓаните не можат да закажат промена на лични документи затоа што бараат термини пред 10 февруари, поблиски термини, а тоа е невозможно, затоа што сите се веќе резервирани – велат од МВР за Фронтлајн.
Б. Богдановска