Покрај тоа што техничката влада нè потсети на ужасите од десетгодишното владеење на МВРО, деновиве можеме да се потсетиме како функционираа вмровските ботови во истиот период.
Далеку од тоа дека нивните активности згаснаа, но откако на функција стапи техничкиот министер за внатрешни работи, ботовите ја впрегнаа сета своја сила во оцрнување и закани кон сите неистомисленици, ако воопшто може така да се наречат, ако се земе предвид дека не е докажано колку тие навистина мислат со своја глава.
Школски пример за функционирањето на вмровската национал-шовинистичка ботовска машинерија е последниот случај со нападите врз претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Тој е под жесток напад на ботовската машинерија на Твитер, и тоа, за текст кој верувале или не не го напишал тој, туку само го споделил. Штета што заборавиле тоа да им го кажат кога кренале нападите. Или што барем самите не се потрудиле да го отворат истиот и да видат за што се работи.
Под објавата на Дерала, во која го споделува текстот на колега, се нижат еден под друг десетици изблици на говор на омраза насочени кон него, со барања „да се исели од државата, еден шиптар помалку и во Македонија си само гостин“.
Дека деновиве говорот на омразата на големо се враќа на дневно политичката сцена говори и техничкиот премиер, Оливер Спасовски, кој на денешната прес-конференција изјави дека говорот на омраза, веќе присутен на социјалните мрежи и по медиумите, дополнително се засили.
Спасовски опомената за нулта толеранција кон говорот на омраза ја стави во контекст на предвремените парламентарни избори на 12 април.
„Очекувам професионална соработка помеѓу Владата и Собранието, а особено со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат улога во организацијата и спроведувањето на изборите. Со организацијата на локалните избори во 2017 година, на референдумот во 2018 година и на претседателските избори во 2019 година поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година“, изјави Спасовски.
ЦИВИЛ најави дека ќе ги повика Министерството за внатрешни работи и Одделението за компјутерски криминал веднаш да реагираат и да спроведат истрага за говорот на омраза упатен кон Дерала, но и кон сите други јавни личности кои се мета на говорот на омразата. Ова, особено затоа што е утврдено дека меѓу организаторите и поддржувачите на овие хајки се наоѓаат и функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Би било добро партијата сериозно да се позанимава со ваквите свои продукти, кои подоцна им излегуваат од контрола, па им/ни се случуваат и ликови како Емил Јакимовски, кои со недели го тормозат целото општество, а кои се надеваат на поддршката на новиот технички министер, бидејќи „е наш“!
Маја Ивановска/ ЦИВИЛ Медиа