Хрватска се приклучи кон големиот број европски земји кои одлучија да протераат руски дипломати поради воената инвазија на Украина. Земјата јс напуштиле 18 дипломати и повеќе од 20 лица од административно-техничкиот персонал на руската амбасада, пишува порталот Прелистувач.
Нотата за протерување на дипломатите му била предадена на рускиот амбасадор во Хрватска Андреј Нестеренко.
Според хрватското Министерство за надворешни и европски работи, Владата поднела барање за протерување на 18 дипломати и 24 вработени во руската амбасада. Во понеделник, 11 април, сите дипломати и 6 вработени во амбасадата веќе ја напуштија земјата.
Исто така, хрватското Министерство за надворешни работи најостро ја осуди руската агресија врз Украина и бројните злосторства извршени од руските окупатори. Хрватска, исто така, изрази надеж дека Русија ќе одговара за злосторствата извршени во Украина.
Да потсетиме дека Данска, Шпанија, Шведска, Естонија, Словенија, Романија, Португалија и Латвија и голем број други земји најавија протерување од земјата на руски дипломати обвинети за шпионажа. Конкретно, германските власти одлучија да протераат околу 40 дипломати.
Во исто време, голем број земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Канада и Австралија, сè уште немаат донесено слична одлука. Меѓутоа, канадското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор во земјата, Олег Степанов, за да му покаже фотографии од масакрот во Буча и официјално да ги осуди воените злосторства извршени од руски војници во Украина. Отава ќе поднесе и петиција до Меѓународниот кривичен суд.
превод: Жорж Димовски