И покрај последните тензии на релација Софија – Скопје по отворањето на Клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“, не се покриени со пепел напорите да се дојде до решение кое ќе го деблокира македонскиот интегративен пат. Бугарскиот весник „Дневник“ пишува во сегашната фаза најконфликтна тема во владината коалицијата е ветото против Северна Македонија, а повикувајќи се на извори од коалицијата обелоденува низ каков механизам е можно да се бара решението.
„Претставници на коалицијата за ‘Дневник’ тврдат дека се договориле да престанат јавните напади врз премиерот Кирил Петков на таа тема и дека пред да зборуваат за рокови за укинувањето на ветото, ќе се обединеле околу позициите. Според изворите, властите ќе предложат механизам, според кој Бугарија ќе ги претстави своите конкретни барања до Северна Македонија, како и распоред за тоа кога се очекува да бидат исполнети, а идејата е нивното почитување да го следи Европската комисија”, пишува „Дневник”.
Весникот наведува дека разногласијата за оваа тема доаѓаат во време кога иницијативата за решавање на конфликтот што ја блокира македонската, а со тоа и албанската евроинтеграција – е во Софија.
„Причината е што во последните месеци позициите на двете земји се приближија, а најтешкото прашање пред нив (како што покажа тензијата околу посетата на Петков во Битола) е како да го претстават договореното на прифатлив начин без да предизвикаат политичка бура. Според информација на ‘Дневник’, меѓу Софија и Скопје нема принципиелни разлики за идниот договор, но пристапувањето кон него и негово финално оформување во моментов не е на дневен ред поради разногласија во власта во Бугарија“, се вели во анализата.





