21.04.2022 години
Откако со Груевски нè ограбија до гола кожа, сега Илија Д. нè учи што е тоа антифашизам
Го читам Илија Димовски на Фејсбук, ни го објаснува антифашизмот, дури и нè кара, не сме разбирале, па го поврзува антифашизмот со „националниот идентитет“, тој, идентитетот, вели Димовски, бил подлабок, постар и пограмаден… Ама, уште ни вели дека не разбираме. Не сме биле писмени, малтене сме биле глупаци, сме ги отвориле „апетитите на балканските сеништа од 19. век“, ни беседи Илија Димовски.
Ни го фрла Илија Д. „националниот идентитет“ како коска за глодање откако нè ограбија до гола кожа со Груевски, така би му напишал. Би му напишал и дека не разбира колку неговата „идентитарност“ го изеде и поимот антифашизам. Идентитетот со кој се расфла овој „народен трибун“, не сфаќа дека антифашизмот имаше во себе елементи на социјална револуција. Сиромашните го растурија системот што ги угнетуваше и пљачкаше.
Имено, на Илија Димовски и Никола Груевски би можел да им го напишам и тоа што го правеа во Штип – во нивно време – го глорификуваа Ванчо Михајлов, му правеа восочна фигура, ама не слушнав тогаш некој да се побуни, или тогаш не беше „модерно“, веројатно тогаш Ванчо Михајлов беше „голем македонист“, патриота, ослободител, револуционер за независна Македонија. Тогаш играта беше друга, нели?
Нејсе. Да одиме малку со други нијанси.
Сетете се на десничарите, сетете се на ерата на Груевски. Нивниот капитал е неодвоен од нашите војни. Ние тоа го нарекуваме катастрофа. Тие тоа го нарекуваат транзиција. Транзицијата од друга страна значи и следно: транзиција од крадци до бизнисмени. Таквите крадци кај нас, денес, се најголемите легалисти. Тие се противат на секоја врста на насилие. Тие ја почитуваат светоста на приватната своина така што ја разликуваат слободата која со кражба ја стекнале, оттука не дозволуваат никому слобода на имотот некој да им ја земе. Кога крадците се стекнаа со имот, никој од нив повеќе не беше заинтересиран сè натаму да тече нелегално и револуционерно. Оние кои својот имот го стекнале „бесправно“, на располагање ги имаа сите правни механизми таквиот имот да го бранат.
Крадците се втемелени точки како дел од системот, затоа што никој од нив поодлучно нема да ѝ се спротивстави на идејата за редистрибуција. Не само што денес се легалисти: денес крадците и воените злосторници на Балканот, заедно со свитата од уметници, новинари и национално освестени интелектуалци, денес се најодлучни бранители на институциите кои заговараат „демократски дијалог“ и „политичка коректност“. Еве пример: тие пљачкаа во мојата земја, а потоа мене ме обвинуваа во текстови дека сум предизвикувал говор на омраза.
Сакам да кажам, не е скандалозно нивното злосторство и легитимација на таквото злосторство, туку бил скандалозен начинот на кој јас – во текстови – протестирам поради тоа. Е, нема да може! Ужасот што се случува, заслужува повишена реторика. И уште многу повеќе од тоа. Тие кои во ерата на Груевски го собраа целиот кајмак бараат за тоа да се пишува во манирот на политичката коректност. Политичката коректност денес, навистина, што би рекол Мирко Ковач е „последното уточиште на битангите“.
Во првобитната акомулација на капиталот, што претставува, многу јасно, еуфемизам за сеопшта пљачка, да се збогатиш можеш само ако беше близок со фашистичкиот режим. Денес, олигархиските портпароли, распоредени на стратешки места, истакнуваат дека се збогатиле затоа што биле способни. Не е точно: се збогатија затоа што беа привилегирани. Оттука и нивниот презир кон нееднаквоста – затоа што на нееднаквоста и должат сè што имаат. Идеологијата на овдешните олигархиски елити не е национализам, ниту верски фанатизам, туку денешната верзија на неолиберализам, а тоа е приказната „за успешните“.
Сите власти, помалку или повеќе, одлучни се во декларативните осуди на фашизмот. Владините и парламентарните тела ги следат европските директиви и усвојуваат планини од проекти, закони и одредби кои бившојугословенските земји треба да ги направат толерантни општества со политички коректни граѓани. Политичките елити од фашисти мирно се трансформираат во европејци.
Сè е променето за сè да остане исто. Нивниот социјален дарвинизам во основа е – фашизам. Од идејата дека животот е такмичење произлегува идејата дека победникот зема сè. Поради тоа, пак, произлегува дека губитникот е уништен – губитникот не зема ништо, освен тоа што победникот ќе му го даде. Оттука, пак, произлегува дека губитникот е вишок. Оттука, пак, произлегува потребата дека од вишокот треба да се оттараси. Тоа, пак, понекогаш се нарекува „кратење на трошоците“, понекогаш се нарекува „вишок на работна сила“, а понекогаш – етничко чистење.
Ако се глорификуваат способните, тоа значи разликата на глорификација на расно, национално или културно „супериорните“. Нивната неолиберална идеологија е продолжување на фашизмот со други средства. Денешните национални финансиски елити, родени се во фашизмот на деведесетите. Фашизмот во оваа или онаа форма, нивно е природно опкружување. Во одржувањето на фашизмот нивни партнери се граѓаните кои тие ги опљачкаа, затоа тоа би можело да се нарече и „соврешено злосторство“. Џелатот од жртвата доби полномоштво, како што би можело и колоквијално да се нарече: не само што имаше полномоштво, туку имаше и демократски капацитет за – егзекуција.
Масата аплаудира додека џелатот откинува туѓи глави, не разбирајќи за што, всушност, се работи; мислејќи дека се работи за уште еден националистички обред, капитализмот ја скина уште еднаш неговата „тинтара“.
Да резимираме: капитализмот е последната низа од воени злосторства. Влегувањето на овдешните држави во Европската унија ќе претставува чин дека овдешните злосторства се легализирани, а злосторниците амнестирани. Влегувањето во Европската унија не се подвелкува црта. Сите тие разбојници и пробисвети ништо така добро нема да ги чува како демократијата. Институциите кои го чуваат капиталот кој е покрупен и покрвав ќе го чуваат и нивниот капитал – многу подобро отколку што би можел да ги чува систем што тие некогаш би можеле сами да го изградат.
И Француската буржоаска револуција, на која почива денешна Европа, како и југословенската народна ослободителна борба, која воедно беше и класна војна, претставува „цивилизациски“ исчекор. И во двата наврати, сиромашните го растурија системот што ги опљачка. Но, тука не е крајот. Во Европа, на идеалите за слобода, еднаквост и братство, се случи крвопролевање и најголемиот злостор во историјата на човештвото. Во Југославија, која почиваше на идеалот братство, единство и општо добро, се случи братоубивствена војна и подеднакво злосторнички капитализам. Тоа што го нарекуваме напредок, како што ни објасни Бенџамин, се претвори во купишта од пепел. Она што го нарекуваме историја, тоа е ништо друго освен непрекината катастрофа.
Затоа, велам, на самиот крај. Илија Д. и неговиот национален идентитет сфатен ужасно партиклуларно, може да си го надене на онаа работа. Откако со Груевски нè ограбија до гола кожа, сега не учат што било тоа антифашизам и „национален идентитет“. Откако нè ограбија, сега ни го фрлаaт националниот идентитет да го глодаме.
20.04.2022 година
Како тоа сите сме антифашисти, лебави?
Сите се сложни – како јајце на јајце влезени во националроматичарски филм – Ванчо Михајлов е фашист, колаборационист, а бидејќи В.М. бил тоа, ние мора да сме нешто Друго, а тоа Друго мора да е антифашизам оти ни нема друго. Тоа е денес политичката логика на нашата политичка челад.
Денес и ВМРО и СДСМ велат дека се антифашистички партии версус Ванчо Михајлов, што мене ми доаѓа нешто како „нечиста совест“ (Хегел), или прастар грев на нашите прататковци. Но, ајде да видиме за што всушност станува збор, драг мој Вотсоне!
Делегацијата на Бугарија отвори „културен клуб“ во Битола, името на тој клуб е „Ванчо Михајлов“, јавноста падна во констернација, сите политички чинители го осудија В.М. дека бил фашист, колаборационист со фашистичките режими на Италија и Нацистичка Германија. Следствено на тоа, сите „политички чинители“ себе се дефинираа за антифашисти, а потоа слободно си легнаа во своите „мирни“ политички катакомби. Нема подобро и полесно од ова. Вакви интелектуални мрзи на светот нема!
Што е она кое во оваа политичка какофонија го зачеша мојот нос, драг Вотсоне?
Па, тоа дека сите се антифашисти, за почеток. Што е ноторна лага и тешка мистификација. Национализмот во својата историска граѓанска форма не беше крвен непријател со комунистичкиот режим за кој, овој, тоталитарно го прогонуваше, туку беше негов структурален дел и беше негов легитимациски хоризонт. Тоа се слуша во она за кое денес ни се вели, „ако не беа партизаните односно комунистите, немаше да имаме самостојна македонска држава“.
Оваа фраза нужно го редуцира и комунизмот и антифашизмот како светско-историски феномен на националистичката телеологија. Се што денес постои го наоѓа своето оправдување само во онаа мера додека и’ служи на нацијата. Доколку не е и служи, тогаш за ништо не чини. Или со други зборови, нашите „политички логичари“ би рекле денес: антифашизмот е во ред, само затоа што ни помогна да имаме своја национална држава. Ако не допринесеше до тоа, што значи ќе беше вишок, Македонците не би имале никаква причина да се борат против фашизмот.
Што мене ми кажува уште нешто: дека национализмот во Македонија сè уште е ултимативен легитимациски хоризонт на политиката и идеологијата. Дури, ако сакате да заоштриме: и комунистите својата власт националистички ја практикуваа. Далеку од тоа дека работеа на уништување на нацијата. Туку се работеше за идеја во која на нацијата, како историска и реалполитичка содржина, ѝ се дава некоја социјална компонента. А тоа е: Македонците и Македонките да се измијат, избањаат, описменат, да им се изгради кров над главата, да се вработат, да се градат себе и општеството, и да, што би рекол Тито, „секоја ден се повеќе и повеќе напредуваат во својата културна и општествена надградба“, и конечно, да фатат чекор со останатиот модерен свет. И притоа, да не се експлоатираат едни со други, да не се толчат едни со други до гола кожа, што значи, се воведе еден вид на модернизација на македонската држава која дојде директно од партизанските бајонети.
И затоа кога ги слушам овие бедни флоскули дека „сите сме антифашисти“, јас исчитувам и нешто друго: дека ние сме толку немоќи да помрднеме општа културна и модернизациска инфраструктура. А што се однесува до комунистичкото движење, тоa уште во времето на Тито беше поделенo. Од една страна можеше да покрене голема еманципациска подлога која за релативно брзо време остваруваше цивилизациски придобивки: општо описменување, рамноправност на жените и право на глас, учество во политичкиот живот, масовно излегување на жените во културниот и општествениот живот што, од друга страна, никој не беше во состојба, вклучувајќи ја и „граѓанската класа“, да направи таков исчекор па, инертно, таа „граѓанска класа“ опортунистички го презеде иниституционалниот апарат на националната држава и граѓанската култура, мислејќи дека така може да „вдахне“ нов еманципациски и културен потенцијал.
Резултатот беше компромисот што комунистите го направија со националистите, а тој компромис ги прогонуваше до крахот на деведесетите години.
Да скратам, и да се вратам на терминот за антифашизмот.
Антифашизмот денес, не е политички фактор. Го изгуби својот мобилизациски набој, се работи за став без реална политичка смисла. Добро, антифашист си, и? Приметувате, се работи за бенигна, безопасна флоскула, ниту лае а ниту гризе. Денес секој протофашист може да биде антифашист. Ако нам ни беше важен антифашизмот, зошто се урла по стадионите „За шиптари гасни комори!“, или зошто се урла „За чиста Македонија!“?
Дури, денес, Македонија ми изгледа како во 1945 година да победиле фашистите, а не партизаните. Дури ми се чини дека денес сите го употребуваат антифашизмот така што тој ништо во својата употребна вредност не значи.
ВМРО историски беше дел од тоталитарните движења, тоа е историски факт, а СДСМ во историска смисла е далеку поважна политичка партија во вредносна и секоја друга смисла, ама набојот за антифашизмот го губи бидејќи и фали смисла.
Да привршувам. Проблемот со антифашизмот е и тоа што Европа во оваа земја никогаш вистински не се спушти во реалноста, како онаа историска, така и оваа сегашна. Таа останува утописка цел кон која Македонија патува ама никако да стигне. Од друга страна, Европа се конституира и создаде како антифашистичка наднационална држава, ама денес, гледаме, неа ја владеат ултра-десни протофашисти, примерот со Орбан е најсвеж, гледате дека и во Франција Ле Пен му дише во врат на Макрон, за Путин да не зборувам, за Трамп исто така. Зборот ми е дека ние Европа ја гледаме од радикално различни перспективи.
И верувам дека нашата перспектива на гледање на светот и Европа е многу подобра за нашата иднина од перспективата на ВМРО и нивните тоталитарни и недемократски историски личности.
19.04.2022 година
СОНК и денес, а се знае и од кого, пуштен е на најјако
Што повеќе читам за штрајкот на СОНК, толку повеќе ги гледам дупките во нивните аргументации. Дупките во нивните аргументации стануваат хронични, а секоја хроничност може прилично да нè оштети, да нè руинира сите.
Што сакам да кажам? Штрајкот СОНК го правда на начин што бара платите на просветните работници да се синхронизираат со минималните плати. И тоа е сè што СОНК прави и бара. Не се грижи синдикатот за „кариерна работа“, не се грижи ниту за напредување на вештините и знаењета на просветните работници, а ако на тоа речат, „тоа не е наша работа“ или, „тоа е работа на министерството“, тогаш и тоа е шуплив аргумент.
Друга работа, што ќе биде со раниот детски развој? Ако нема воспитувачи во градинките, кој е оној што ќе работи на таквиот детски развој? Нема ништо од тоа во барањата на СОНК. Така што многу е претенциозна „штарјкувачка ѓурултија“.
Натаму, немам сомнеж дека многу добро ѝм дојде на наставниците, на оние кои штрајкуваат, не сите, се разбира, бидејќи има воспитувачи и наставници кои си одат на работа. Велам ѝм дојде убаво, училиштата затворени, а тие непречено штрајкуваат шеткајќи си по кафулиња и сркајќи си макијата.
Во денешни околности, пак, за родителите, училиштата се затворени, децата се дома, надвор од дневните обврски, телефоните и таблетите на големо работат во нивните рачиња, родителите немо ги набљудуваат своите деца и чекаат оваа ујдурма што побрзо да помине.
Знаете, јас сега се правам луд, можам да речам дека СОНК е вистински синдикат за вистински работнички права, ама во реалноста тоа не е така. Не затоа што јас не сакам да е така, туку затоа што, во политиката да видите дали нешто е така или не е така, доволно е само да ги слушнете нивните аргументации и самото ќе ви се каже.
Еден пријател, синоќа, во порака ми пишува: „СОНК И ВМРО пуштени на најјако“. Знаете, во овој спонтан коментар лежи вистината.
Зошто не сака СОНК плата за плус 10% (?), зошто не сака СОНК да дебатира за „кариерна политика“ на наставниците (?), зошто не сака да дебатира за законско решение за колективните работни договори со кои системски платата ќе им се зголемува и ќе се прават програми за кредибилни и пристојно платени просветни работници (?), зошто СОНК не сака ништо од ова кое погоре го набројав?
СОНК единствено сака зголемување на платите – и тоа веднаш – од 18.5%. Тоа, да ми простите, како и начинот на бедните аргументации, не претставува ништо друго освен мафијашки рекет.
Значи не сакаш да дебатираш, не сакаш да промислуваш и не ги прифаќаш дополнителните покачувања од 2.500 денари, туку сакаш да се закануваш?
Супер, штом СОНК е толку силен, верувам дека ќе биде силен да им ги исплати платите на оние наставници кои не одат на работа, а протестираат.
На крајот на краиштата, реков уште во вчерашниот коментар, ќе го повторам уште еднаш, бидејќи сите ние имаме деца и сме родители, а тоа е следното: за брзо време ќе видиме дали СОНК се грижи навистина за просветните работници или е обична испостава на десно-конзервативната партија во земјава која ќе направи се’ за да предивика криза, беља и системски проблеми.
А нашата романтичарско-демократска јавност, за која и самата мисли дека е „фер да им се покачат платите“ и дека „секој има право на штрајк“, ќе ги потсетам дека тоа е точно, ама целта на СОНК не е тоа. Што е, ќе видиме набрзо кога ќе дојде време да им ги исплати платите на оние кои денес штрајкуваат.
Демократија, бунт, протест, критика – да; ама тоа чини пари со кои потоа се плаќаат дневни и месечни режии. Кого ќе чини, колку тоа ќе чини и кој тоа ќе го плати, ќе видиме во деновите што доаѓаат.
Само се плашам дека наставниците и децата повторно се влезени во едно сценарио, со „вмровски“ предзнак, на штета на сите нас.
18.04.2022 година
На грбот на децата, СОНК спрема „тивок“ штрајк за подривање на целиот систем
На вчерашната прес-конференција на претседателот на СОНК, Јоаким Неделков, беше речено дека зголемувањето на платата која Владата им ја понудила на просветните работници била недолволна и премала. Односно, Владата им понудила покачување од 10%, што би значело дека наставниците и воспитувачите би добиле просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања.
Воедно, од Владата појаснија и дека методологијата со која Владата обезбеди континуиран раст на платите, ќе обезбеди и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.
Сè ова погоре не е доволно за СОНК и Јоаким Неделков. Од нивната прес-конференција која се одржа вчера, од авион се гледа дека овој човек, прво, работи на сопствена промоција, и второ, генерира криза во државата – свесен дека „во“ и „околу“ образовниот систем на децата се вмрежени околу 500.000 луѓе од различни социјални миљеа: родители, наставници, деца. Оваа бројка од луѓе е самото „срце на системот“, и познавајќи го тоа, претставува идеален пункт за криза, подривање на Владата и системот во целина.
Понатаму, Јоаким Неделков, првиот човек на СОНК, на прес-конференцијата вчера зборуваше за некакви чувства, и зборуваше дека децата кога оделе на меѓународни такмичења освојувале 1, 2 и 3 место, па тоа било потврда дека учителите и наставниците правеле добро образование. Тоа е „аргументот“ на овој опскурен синдикалец. Доволно било само да се освои некоја меѓународна награда, така тумачи Неделков, и тоа е покритие дека дечињата се описменувале. Се разбира, овој аргумент најблаго речено нема врска со паметот.
Од друга страна, најранливи во целиот овој „подривачки штрајк“ се децата. После пандемијата за која дечињата беа надвор од наставата цела една година, денес, повторно, се надвор од клупите, надвор од домашните задачи, надвор од работните навики. Да биде трагедијата уште поголема, СОНК латентно се заканува, на начин што дечињата за да ги надополнат изгубените часови – за кои првите луѓе на СОНК се виновни – арбитрарно вели дека часовите ќе продолжат после 10-ти јуни. А кој е СОНК да одлучува така „од ракав“ за тоа кога децата ќе ги надополнат изгубените часови? Јас познавам многу родители кои веќе својот родителски живот го испланирале после 10-ти јуни. Така што и тој аргумент не држи вода.
Натаму, аргументот на владата е: „Синдикатот треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 процент. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786 денари. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874 денари. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари, наведуваат од Владата.
Од сето набројано (и изречено) погоре, очигледно е дека СОНК лови во матно, и очигледно е нешто сосоема друго.
Во конечноста, идејата на СОНК не се платите, не се ниту просветните работници, не е ниту образованието во целина, а најмалку во прашање се децата кои, реално, најмногу ќе страдаат, како што дополнително ќе им се комплицира животот и на родителите со овој штрајк.
Идејата на овој бизарен сидикалец „Лех Валенса” се предверемени парламентарни избори. Добро, не му е јасно баш како до тоа, бидејќи се гледа дека очајно е неталентиран, ама преку штрајкот важни им се тензиите, револтот и бесот во општеството кое ќе се обидат да го насочуваат кон Владата.
А децата? Децата ќе учат после 10-ти јуни на некоја ливада, во некој сокак или на некое џаде. Како што е ред. И како што е нормално: дете после 10-ти јуни оди на школски распуст. Барем моето дете ќе оди.
Ненад Јовановиќ