03 Мај 2022 година
Слобода од угнетувачи, националисти и шарлатани
Денес се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, идејата на овој ден е, 3-ти мај, подигнување на свеста за важноста на медиумските слободи и нејзините темелни начела.
Oд друга страна, чисто колку да нотираме некои „општи бројки“: последните неколку години, убиени се неколку стотици новинари. Минатата година убиени се 47, како што известува „Ројтерс“, а затворени се повеќе од 400 новинари. Овие бројки се „општи места“, а оние конкретните: најголемата закана за слободата на медиумите се авторитарните режими.
Како изгледа тоа во пракса: прво ги убиваш, а потоа го обвинуваш Западот дека тоа го направил. Еве еден практичен пример: Ана Политковска беше новинар од Москва, ја убија во влезот од нејзиниот стан затоа што критички се осврна на владеењето на Путин во книгата „Путинова русија“ (2008).
„Во земја која“, велеше Политковска, „офицерите на тајната служба ја држат во своите раце законодавната, судската и извршната власт, во која нема независна полиција, истражители и тужители, земја во која сите медиуми се под капата на Кремљ, во такви околности најстрашни работи се случуваат. Сите жители во таква земја се како рипки фатени во аквариум, и тајните агенти можат да ви ја откинат главата или да ви ја испијат крвта, само ако им падне на памет дека поради нешто тоа треба да ви се направи“.
Една од тие откинати глави беше и главата на храбрата и паметна Ана Политковска. Политковска беше жена која во светот стана симболичка фигура на жртва на еден брутален режим. Ако ја прочитате книгата „Путинова Русија“, ќе видите што е Русија со Путин, и ќе видите зошто таа жена го изгуби својот живот. Од друга страна, за голема среќа, светот денес го има Зеленски, лидерот на Украина. И после сите премрежја, лични интереси на многу држави поради рускиот гас, сфатија сите дека слободата е најважниот ресурс од сите возможни ресурси кои постојат на планетата земја.
Демократско-либералните поредоци може да погрешат околу некои базични права и слободи, ама брзо се коригираат, а авторитарните и тоталитарните општества, никогаш не се коригираат, па затоа така силно и пропаѓаат. Најсвеж пример повторно ни е Путиновата Русија. Секако, авторитарните режими не се непобедливи, ама дека не можат да ги апсорбираат новите информации, во најмала рака речено е наивно. Авторитарните режими непрекинато учат нови тактики, а тоа најчесто е сузбивање на граѓанските слободи на индивидуите.
Добро, точно е дека „новинарите не се повеќе некрунисани кралеви на образовната демократија“, како што ги опиша британскиот W.T. Stead од крајот на 19 век. Ама сепак, тие учат дека постои разлика помеѓу вообичаените конфликти за државните политики и заканите на темелните слободи од кои зависи нивната работа (иако оваа линија на спорови е многу честа и дифузна).
Од друга страна, јавноста сфаќа дека оценувањето на медиумите е многу компликуван процес: некоја медиумска куќа може да биде непристрасна, но не и независна, а нејзиниот сопственик може да го промени курсот во било кое време.
Еве, да го посочам мојот пример: јас сакам да пишувам од позиција на „транспарентна пристрасност“: на пример, ги тумачам случувањата во јавните дискурси од „социјалдемократска перспектива“, знаејќи што моите читатели може да добијат. Критика на авторитарната опозиција на Христијан Мицкоски со сите нејзини сомболички и идентитетски набои.
А авторитарните режими ќе ги критикувам секогаш и секаде затоа што само тие ги напаѓаат новинарите. Од друга страна, нашето поле на борба мора да го заоштриме. Авторитарните корисници се наоѓаат на Фејсбук, твитер и другите мрежи, во огромна мера тамо лежат виновниците низ кои се јакнат насилните сентименти. На нас е да ги откриеме, осветлиме и расклинкаме. Дури во некоја смисла, растурањето на овие насилнички корисници ќе овозможат главна медиумска слобода на оние кои реално сакаат вистински јавен интерeс и слобода на медиуми.
Да одиме, на крај, со извештајот на Репортери без граници – индекс на слобода на медиумите во Северна Македонија:
2016 – 118 место;
2017 – 111 место;
2018 – 109 место;
2019 – 95 место;
2020 – 92 место;
2021 – 90 место;
2022 – 57 место;
Не се дише од хунта – хибридниот режим во Македонија. Нема слобода, никој ништо не смее да каже, страшноооо! Ако не Грујо (или Мицко) да го вратиме, не?
05 Мај 2022 година
Одметната опозиција која блокира свои граѓани во Собранието значи дека работи за туѓи центри на моќ
Мицкоски синоќа најави „активен бојкот“ во Собранието. Добро, тоа е ВМРО, што тие знаат за политиката и животот во најширока смисла на зборот? Појма немаат, тоа барем ни е јасно како ден. Второ прашање: има ли некој друг отпор, бунт и движење надвор од ВМРО кое протестира против владата на Ковачевски? Нема. Ако нема, се поставува логично прашање: зошто ги мобилизира Мицкоски своите, знае ли каде ги води, и знае ли каде ќе ја одведе Македонија ако му се даде прилика?
Откако не успеа приказната со СОНК, откако Груевски и неговата братија е на „црна листа“ од Вашингтон, Мицкоски ќе игра на картата – активен бојкот во Собранието. Ќе пркоси, ќе се глупира, само за да го држи тоа „борнирано“ членство во мобилизација.
Од друга страна, таквиот бојкот, да не се лажеме (луѓе гледаат!) е против Европа, НАТО и санкциите против Путин. Сте слушнале Мицкоски да каже нешто за масакрот што го прави Путин во Украина? Јок, море. Мицкоски зборува само за домашната сцена, во смисла, погледај ги, ју, ју, какви се, никакви, неспособни, корумпирани, та дрн, та sврц, и се во таа смисла. Ништо за важни теми, ништо за она што денес претставува криза, ништо за надворешниот свет.
Ако сака да зборува за домашните прилики, нека тргне од неговата кметица на град Скопје. Каде им е бесплатниот јавен превоз? А, не постои такво нешто како „бесплатен јавен превоз“. Па, тогаш, ќе ве молам, имам право да заклучам дека скопјани ги ловеа на измама? Да, скопјани се измамени. Данела Арсовска е очаен репрезент за град Скопје. Тоа на сите им дојде од задникот во главата, за жал, ама сега таквиот „наум“ е задоцнет. Ама што да се прави, кога не беа слушнати вистинските гласови кои предупредуваа со синтагмата: „сите се исти – значи ВМРО победува“. Секогаш кога ВМРО победува, сите губиме. Ама веројатно и таа лекција допрва треба да ја учиме.
Ајде уште малку за домашните прилики. Вели Мицкоски ќе блокираме се’ во Собранието. На кому ќе му се одбие блокадата вo Собранието од глава? Се разбира, на нас граѓаните. Работи Мицкоски во политиката за да им биде лошо на граѓаните на неговата земја. Немам друго објаснување. Нему, јасно, ништо нема да му фали. Додека ги дипли своите одела на Карл Лагерфелд, а во собранието блокира мерки во корист на граѓаните, се’ дотогаш нему ќе му биде добро, а нас лошо.
Да речеме, што го натера Мицкоски да го блокира законот за Клинички центар или законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, или законот за службата во Армијата…
Мицкоски не го блокира ниту СДСМ ниту Владата, туку на тој начин ги блокира решенијата за подобар живот на граѓаните. А ако ги блокира решенијата за подобар живот на граѓаните, значи дека работи за туѓи центри на моќ. Тие центри нему Карл Лагерфелд одела, а тој нам – блокада, деструкција и пораз на граѓаните. Така работи ВМРО. Тоа е идејата на одметната опозиција. Само ве молам, немојте после да речете не знаевме и никој не ни кажа.
06 Мај 2022 година
На Македонија да ѝ биде полошо, за нас да ни биде подобро, така денес звучи инфантилната опозиција
Синоќа Ковачевски, во интервјуто „Клик плус“ на ТВ 21. беше оштар, прецизен и јасен: не ги прифаќа ултиматумите на Мицкоски за, како што и самиот рече, „не прифаќам инфантилни закани за предвремени парламентарни избори“.
Текот на интервјуто се одвиваше „жестоко“, приметив уште неколку работи: Ковачевски беше прецизен во својата мисла и беше одлучен, дури ми провејуваше и еден впечаток, како да сакаше да рече, „аман доста со тие предвремени парламентарни избори“. Од друга страна, Ковачевски е свесен дека оваа сосотојба е многу повеќе од личниот рејтинг, и дека работите мора да се решаваат, а не цела земја да влезе во перманентна криза затоа што Мицкоски посакал да си го мери својот очаен и беден рејтинг.
Имаше уште добри поенти кои ги кажа автентично, човечки и без надменост во себе, ги кажа без некоја особена претенциозност: „Кога зборуваме за лидерски концепти, лидери се луѓе што носат одлуки и решаваат прашања за идните генерации, за благосостојбата на граѓаните и се справуваат со најголемите проблеми. Не е лидер тој што мисли само на личниот рејтинг и кога ќе бидат наредните избори“, рече премиерот Ковачевски.
Кажав еднаш, ќе повторам уште еднаш: цела опозиција сака на Македонија да ѝ биде полошо за нив да им биде подобро. Или со други зборови, треба да го спречат Ковачевски да направи нешто добро за државата и граѓаните, само како во Македонија би било полошо и, во конечното: да падне и Ковачевски, па затоа се форсира за предвремени параламентарни избори.
А, кога на Македонија ќе ѝ биде полошо, тогаш ќе им биде подобро на сите во опозицијата, тие кои живеат од странски спонзори по разни Будимпешти и останати радикално-десни центри. Си знаат тие многу добро кој и од каде ги спонзорира. А нас останатите – кој не ебе, да ми простите на „францускиот“.
Значи, нема врска што Ковачевски работи добро во овие неколку месеци, единствено што треба е Ковачевски да падне затоа што е лош, а тие, нели, мицковци биле добри. А на негово место треба да поставиме неспособни, некомпетентни, корумпирани, на негово место треба да поставиме луѓе кои во минатиот режим се обогатија преку функции – само затоа што тие се добри. Тоа ли е логиката?
Ова е денес македонскиот опозиционен став. Вака денес звучи врвната мисла во јавниот простор. Ковачевски е лош, ние сме добри, дајте ни предвремени парламентарни избори.
Погледајте дали Ковечавески не работи добро за државата, погледајте во изминатиот рок што Владата правеше добро за граѓаните, а што правеше во овие 5. години опозицијата? Во главно ништо, освен што го чувавме Мицкоски да остане лидер, а Груевски главен брифер од Будимпешта, практично ништо поважно не се случи во опозиционата партија. Се случи така како што и беше за очекување: кога на Македонија ќе и биде полошо, нам ќе ни биде подобро.
Така звучи „врвната“ интелектуална мисла на македонската опозиција. И уште звучи: ние сме добри, тие се лоши. На тоа е сведен нивниот јавен дискурс.
„Активниот бојкот“ е нешто кое најдобро го знаат. На нивна корист, а за наша штета. Тоа, гледајќи ги синоќешното интервју, Ковачевски нема да го дозволи. Избори, како што рече и самиот, во 2024 година.
И молим лепо.
Ненад Јовановиќ